Православието денеска го празнува Свети Стефан, првомаченик кој настрадал за Христовата вера.

По слегувањето на Светиот дух во Ерусалим била формирана Христијанска општина. Биле избрани седум ѓакони кои требало да се грижат за сиромашните, болните, старите,  и вдовиците, и да ги делат подароците што христијаните ги давале на црквата. Најстар во тие седум ѓакони бил Стефан поради што бил наречен Архиѓакон.

Мноштво Евреи, фарисеи и садукеи се расправале за Исус Христос. Едни тврделе дека е вистински син Божји, други дека е пророк, трети дека е измамник. Тогаш се замешал Стефан кој инспиративно зборувал за Христа напоменувајќи дека во него не веруваат само лошите луѓе. Посрамотените противници на Христа што не можеле да му се спротивстават на Стефан со факти веднаш го наклеветиле пред насобраниот народ дека ги навредувал Мојсиевите закони. Разгневениот народ поверувал во лажните обвиненија и лажните сведоштва, го изнеле надвор од градот и го каменувале. Умирајќи Стефан молел на Бога за себеси но и за тие што го убиле. Во претсмртниот час извикал: “Господе, не земај им го ова за грев”.

Народот што го каменувал Стефана му ја соблекол белата облека и му ја дал на едно момче по име Савле да ја чува. Момче, во тоа време жесток противник и прогонувач на христијаните подоцна станал најголем приврзаник и афирматор на христијанството со името Павле. Христијаните го зеле и достојно го погребале телото на Стефан, во близината на Ерусалим. Култот на Свети Стефан е стар колку и самата Христова црква зошто тој е почитуван, исто колку и апостолите. Уште светиот апостол Павле него го нарекува маченик Христов. Култот особено пораснал по наоѓањето на неговите мошти и нивното пренесување во Цариград. Преданието вели дека пренесувањето на моштите на Свети Стефан во Цариград било за време на владеењето на Константин Велики и за време на патријархот Митрофан. Животните што ја влечеле колата во која биле моштите на Свети Стефан на едно место одеднаш застанале и со човечки глас рекле: “Зошто не тепате? Светецот треба да биде поставен овде!” Царот веднаш подигнал црква посветена на првомаченикот.

Доктор Марко Китевски во книгата „Македонски народни празници и обичаи“ пишува дека и во црковните песни и проповеди Свети Стефан се нарекува уште: прв, врв на мачеништвото, почеток на мачеништвото, прв во маченичката фаланга и слично.

Ohridnews