Светата православна црква на овој ден го одбележува денот на преподобниот Симеон Столпник кој умрел на денешен ден 459 година на 103 годишна возраст. Потекнува од селско семејство од Сирија и на 18 годишна возраст се замонашил.
Сакајќи што повеќе да се доближи до Бога изградил столб на кој минал долго време во пост и молитви поради што е наречен Столпник. За тоа време кај столбот два пати доаѓала мајка му и го молела да слезе за да се видат, но тој сметал дека не треба да ја прекинува молитвата и не слегувал. Во близината на столбот се собирале луѓе кои ги слушале неговите молитви и присуствувале на чудата што се случувале по молитвите, така што тој уште за време на животот бил сметан за светец.
Со празникот на Свети Симеон започнува и црковната година, а овој ден се смета и за земјоделски празник. Тоа најмногу се манифестира со обичаите и верувањата поврзани со започнувањето на есенската сеидба. Се верува дека откако е собрана летнината е завршен еден годишен циклус и започнува друг со првата сеидба. Есенското засејување се извршувало со посебни обичаи и верувања.
Во Дебрца на Свети Симеон се пеело семето за есенската сеидба. Во една чинија се ставале разни семиња: пченица, р’ж, јачмен, пченка, грав и др. Во чинијата уште се ставало и босилок, а потоа се завиткувала со бела шамија (тулбенче) и се носела во црквата. Таму свештеникот ги пеел чиниите со семиња од целото село заедно. По враќањето од црквата се одело на засевање. Ако времето не било стасано за засевање,се засевало малку, колку за адет, барем неколку бразди. При засевањето најпрвин се сеело пејаното семе, а потоа босилекот се закачувал на нивата. Се верува дека босилекот е божји цвет и има апотропејско дејство и дека нивата и житото ќе ги чува од порој, штетни инсекти, болести и сл. Откако ќе го насееле пејаното семе сејачот седнувал да руча. На засевање за ручек задолжително се правело нешто сукано, за да се сучи касметот. Секогаш се засевало на полна месечина и наутро кога сонцето оди нагоре. Тој ден по изнесувањето на семето не смеело да се изнесува од дома ништо црно за да нема гламна житото.
OhridNews