На први август според стариот календар (или на 14 според новиот) што се совпаѓа со Богородичните пости се празнува празникот на седумтте маченици од Стариот Завет, Макавеите. Тие биле седуммина браќа и нивните имиња се: Авин, Антоне, Гурие, Елеазар, Евсеон, Алим и Маркел. Тие со мајка им Соломонија и татко им свештеникот Елеазар како и со други приврзаници на Мојсиевите закони страдале со маченичка смрт по наредба на сирискиот цар Антиох во 183 година пред Христа.
Во народот празникот Макавеи се држи како тежок празник но некаде се смета дека овие празнични денови се шест, а некаде дванаесет. Во цела Македонија според тоа какво ќе биде времето во овие денови се прогнозира времето во следните шест месеци(зимскиот период) или во текот на целата година.
Според записот на Е. Спространов во Охрид првите 12 дена од август се викале Макавеи и тогаш жените не переле и не работеле тешки работи.И овде според Макавеите се прогнозирало времето во текот на годината со тоа што на еден ден одговарал еден месец. Ако времето било убаво цел ден значело дека целиот месец ќе биде убав, ако пак било променливо значело дека во текот на месецот ќе биде и убаво и лошо.
Вакви верувања за 12 денови Макавеи запишал и Кузман Шапкарев кој уште пишува дека не само што во ова време жените не работеле туку и не ги бањале децата.
Верувања поврзани со Макавеите запишал и Марко Цепенков. Тој сведочи дека во првите три дена од август(по стариот календар) не чинело ниту да се пере, ниту да се бања, значи воопшто да не се фаќа вода освен за пиење. Ако се перело во тие денови алиштата ќе се искинеле.
Јасминка Т. Момироска