Големиот
македонски празник Илинден кој во свеста на македонскиот човек асоцира
на славното Илинденско востание и на Крушевската република, сепак во
својата основа го има Свети Илија, лик од христијанската религија кој
има значајно место и во народните верувања.


Пророкот
Илија живеел околу 900 години пред Христа (поточно роден е во 816
година пред Христа) во местото Тесвит. Царот на евреите од тоа време
Ахав многу ги кршел законите и покрај предупредувањето од Илија да не
го прави тоа зашто може народот да го стигне божја казна. Царот Ахав
сакал народот да се откаже од својот единствен Бог и да верува во богот
Вал на кого што му подигнал храм во Самарија. А кога меѓу народот
завладеал неморал пророкот Илија се помолил на Господа и три години
дожд не заврнал и меѓу народот зафатил голем глад. Земјата испукала,
секнале изворите, а многу луѓе и стока изумреле. А кога народот видел
дека направил голем грев и се покајал, пророкот Илија пак се помолил на
Господа по што заврнал обилен дожд.


Кога
Исус се преобразил на ридот Тавор ( на Преображение) за да им покаже на
своите апостоли како ќе воскресне после смртта, за што ги повел и
апостолите Петар, Јаков и Јован тука се појавиле и Мојсие и Илија кои
одамна биле умрени и зборувале со Исус за тоа што ќе се случи по
неговата смрт.


Во
народното верување Св. Илија се смета за клучар кој го отклучува и
заклучува  небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека
тој повела со летните грмотевици, очигледно е дека врз свети Илија се
пренесени многу елементи од врховниот пагански бог на Словените,
громовникот Перун.


Останало
забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да
биет ровја, Св. Илија трчал со кочијата по облаци за да ја втаса
ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто
силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај и да удрело ќе
расипело и убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се
скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.“


Ефтим
Спространов меѓу другите записи на обичаи од Охрид запишал и верување
дека ако грми на свети Илија, оревите ќе бидат шупливи. Тој забележал и
дека Св. Илија е празник на кожуварите.  

Јасмина Т. Момироска