Нашиот народ Еремија го празнува како еден од поголемите пролетни празници, а обичаите и верувањата поврзани со него се во функција на магиска заштита од змии, гуштери и други влекачи.
Меѓу богатите обичаи поврзани со празници од Охрид Е. Спространов забележал и обичаи поврзани со овој ден:„Наспроти тој ден вечерта на стемнување ги падат змиите. На кацја ставаат оган, врз оганот посипуваат ќуќур и одат од дупка на дупка каде што претпоставуваат дека има змии, тропаат со машата врз кацјата, чадат и викаат:
Бегај бегај гадуријо
ето ти ја Еремија
ќе ти мотат черевата
со железно мотојло.
Во повеќе краишта во Македонија на овој ден се прават црепни. Нив ги прават само жените кои за таа цел копаат специјална земја, потоа ја сеат за да ги отстранат камчињата, ја газат додавајќи некои примеси за црепните да се поцврсти и да не се кршат. Ако земјата се донесува претходниот ден ноќта се чува да не се случи некој да фрли сол од што црепните пукаат.
Поради култот кон лебот, а и поради тоа што во црепните се месат разни обредни лебови кои се носат и во црква како кравајчиња и сл. жените што прават црепни се облекуваат во чиста облека. „Газењето на црепните“ како што се вика оваа работа е придружено со повеќе песни како што е следнава:
Ај сега почнуеме
црепни да газиме.
Никого не пуштаме
покрај нас да помине,
сол да не ни врли-
црепни да ни испукаат.
Кој пријател ќе помине
ќе ни речи:
– Железни ви црепни!
Кој душман ќе помине,
ќе ни речи:
– Земјени ви црепни!