Светиот пророк Еремија живеел шест века пред Исус Христос. Роден е во малото село Анатот во близината на Ерусалим. Уште како дете го слушнал гласот на Бога кој му одредил да биде пророк. Еремија не сакал да биде пророк, се оправдувал со тоа што уште бил мал, но не можел да ја одбие Божјата заповед. Така од 15 години станал пророк. Многу од неговите претскажувања се оствариле уште додека бил жив.Поради тоа што претскажал многу несреќи за еврејскиопт народ имал многу непријатности. Три пати бил затворан, а животот го завршил со каменување од неговите сонародници.

Еремија на Евреите им претскажал 70 годишно ропство под Вавилон. И навистина вавилонскиот цар Набуходоносор набргу го нападнал Ерусалим го разурнал и го покорил, а многу народ зел во ропство. Меѓу они кои го оплакувале разурнатиот Ерусалим бил и светиот пророк Еремија и така настанала „ Книга плач Еремиин“ . Светиот пророк Еремија претскажал и дека кога ќе се роди Исус ќе настрадаат многу деца.

Нашиот народ Еремија го празнува како еден од поголемите пролетни празници, а обичаите и верувањата поврзани со него се во функција на магиска заштита од змии, гуштери и други влекачи.

Меѓу богатите обичаи поврзани со празници од Охрид Е. Спространов забележал и обичаи поврзани со овој ден:„Наспроти тој ден вечерта на стемнување ги падат змиите. На кацја ставаат оган, врз оганот посипуваат ќуќур и одат од дупка на дупка каде што претпоставуваат дека има змии, тропаат со машата врз кацјата, чадат и викаат: 

                               Бегај бегај гадуријо
                               ето ти ја Еремија
                               ќе ти мотат черевата 
                               со железно мотојло. 
 
Откако ќе начадат добро кацјата ја оставаат во некој агол да изгасне и рано утрото јаглените ги исфрлаат на буниште.
  
Во повеќе краишта во Македонија на овој ден се прават црепни. Нив ги прават само жените кои за таа цел копаат специјална земја, потоа ја сеат за да ги отстранат камчињата, ја газат додавајќи некои примеси за црепните да се поцврсти и да не се кршат. Ако земјата се донесува претходниот ден ноќта се чува да не се случи некој да фрли сол од што црепните пукаат.

Поради култот кон лебопт, а и поради тоа што во црепните се месат разни обредни лебовикои се носат и во црква како кравајчиња и сл. жените што прават црепнисе облекуваат во чиста облека. „Газењето на црепните“ како што се вика оваа работа и е придружено со повеќе песни како што е следнава:

                            Ај сега почнуеме  
                            црепни да газиме. 
                            Никого не пуштаме
                            покрај нас да помине,
                            сол да не ни врли- 
                            црепни да ни испукаат. 
                            Кој пријател ќе помине
                            ќе ни речи:
                           – Железни ви црепни!
                            Кој душман ќе помине,
                            ќе ни речи:
                           – Земјени ви црепни!             
                                                                                              

Подготви:
Јасминка Т. Момироска