Свети Наум бил еден од првите и најважните европски дипломати од периодот пред илјада години. Ова мислење го изнесе угледниот германски професор, македоностот Волф Ошлис на Меѓународниот научен симпозиум за Свети Наум Охридски, што во организација на на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, вчера започна во Охрид.


Својата теза угледниот  професот Ошлис ја поткрепува со сознанијата до кои дошол при истражување на германската историја  во која нашол директен контакт на Свети Наум и германскиот игумен Регино фон Прим, кој бил во мисија на овие простори

Јас по малку се гордеам што во германската историја најдов директен контакт на Свети Наум и германскиот Регино фон Прим, игумен во еден манастир во планините на западна Германија. Тој во историската 893 година беше тука како пратеник во тогашната империја, притоа остварувал директни контакти со Царот Симеон, веројатно и со Наум, рече Ошлис.


Според професорот Ошлис многу малку се знае живот на Свети Наум, кој според него бил исклучителна и сестрана личност во своето време.

– Бедата за нас македоистите е што знаеме кој беа Климент, Наум, но не ни се познати деталите. Не можеме повеќе да прашуваме кој беше Наум, туку да откриваме што повеќе за неговите работни задачи и опкружението во кое живеел и работел Наум. Наум всушност беше премиерот на Царот Борис и Симеон, негов министер за надворешни работи, шефот на тајната служба, значи повечќе професии што се вршат на скриен, задкулисен начин. Токму оттаму и мојата теорија да се препознае човекот според неговите службени обврски, смета Ошлис.


Дел од  науката смета дека делото на преподобниот Наум Охридски до неодамна беше во своевидна сенка на Свети Климент Охридски, но и дека тој е исклучителна историска и духовна личност, која подеднакво и припаѓа на целата словенска и христијанска цивилизација.

– Она што е важно за македонската традиција и современа култура е што неговата дејност главно проникнува од изворите во охридскито духовен центар и што е мошне важно – неговиот култ се воспоставува и шири од македонските простори, истакна Илија Велев од Институтот за македонската литература.


На четиридневниот собир во Охрид, на кој учествуваат експерти и слависти од15 научни центри од Македонија Хрватска, Литванија, Германија, Италија, Русија, Словачка и од Бугарија ќе бидат презентирани  49 научни трудови посветени на ликот и делото на големиот светител, кон кој постои голем култ помеѓу народите на Балканот.


 
Свети Наум Охридски Чудотворец заедно со Климент Охридски е меѓу најистакнатите ученици на словенските просветители Кирил и Методиј. Бил учител, писател, исцелител и еден од основоположниците на словенската и македонска писменост и просвета. На брегот на Охридското Езеро го подигнал манастирот  Св. Архангел, каде починал на 23 декември 910 година.

OhridNews