Во периодот кога е најтопло времето народот празнува три дена како што се вели од оган. Тоа се празниците посветени на Светите маченици Кирик и Јулита, Светиот маченик Антиоген и неговите 10 ученици и Светата маченица Марина (Огнена Марија).
Се
верувало дека кој ќе работи во текот на овие празници ќе страда од
оган, ќе му изгори куќата, или бидејќи е време за жетва само од себе
или од небесен оган ќе се запали и ќе изгори целата сеидба, како
пожнеаното така и нежнеаното. Некаде се верува дека ќе изгори само тоа
што е пожнеано тој ден. Во народот овие три дена се нарекуваат
Горешници (од оган-горење) или во други места Чуруци (пак од чур-чад,
чурење-чадење на оган).
За
време на римскиот цар Диоклецијан кога бил извршен жесток прогон на
христијаните настрадала и светата маченица Јулита со својот петгодишен
син Кирик. Јулита рано останала вдовица и живеела во градот Иконија.
Кога месниот владетел Александар разбрал дека Јулита станала
христијанка ја повикал и најпрвин со убедување се обидел да ја поврати
во многубоштво. Но кога во тоа не успеал ја уценил со нејзиниот син.
Тогаш Јулита се уплашила но синот и дал знак да не се откажува од
вербата во Христа поради што разбеснетиот владетел со нога го турнал од
вториот кат и детето на место останало мртво. Потоа Јулита била мачена
и со меч и била отсечена главата. Тоа се случило во 296 година.
Дел
од моштите на Светите маченици Кирик и Јулита беа чувани како вредна
реликвија во црквата Света Богородица Болничка во Охрид која датира од
14 век но исчезнаа во кражба која се случи во мај 2006 година.
Јасминка Т. Момироска