Во периодот кога е најтопло времето народот празнува три дена како што се вели од оган. Тоа се празниците посветени на Светите маченици Кирик и Јулита, Светиот маченик Антиоген и неговите 10 ученици и Светата маченица Марина (Огнена Марија).
Се верувало дека кој ќе работи во текот на овие празници ќе страда од оган, ќе му изгори куќата, или бидејќи е време за жетва само од себе или од небесен оган ќе се запали и ќе изгори целата сеидба, како пожнеаното така и нежнеаното. Некаде се верува дека ќе изгори само тоа што е пожнеано тој ден. Во народот овие три дена се нарекуваат Горешници (од оган-горење) или во други места Чуруци (пак од чур-чад, чурење-чадење на оган).
За време на римскиот цар Диоклецијан кога бил извршен жесток прогон на христијаните настрадала и светата маченица Јулита со својот петгодишен син Кирик. Јулита рано останала вдовица и живеела во градот Иконија. Кога месниот владетел Александар разбрал дека Јулита станала христијанка ја повикал и најпрвин со убедување се обидел да ја поврати во многубоштво. Но кога во тоа не успеал ја уценил со нејзиниот син. Тогаш Јулита се уплашила но синот и дал знак да не се откажува од вербата во Христа поради што разбеснетиот владетел со нога го турнал од вториот кат и детето на место останало мртво. Потоа Јулита била мачена и со меч и била отсечена главата. Тоа се случило во 296 година.
Дел од моштите на Светите маченици Кирик и Јулита беа чувани како вредна реликвија во црквата Света Богородица Болничка во Охрид која датира од 14 век но исчезнаа во кражба која се случи во мај 2006 година.