Како што е познато, во рамките на нашата световна и духовна историја функционирал Свети Климентовиот универзитет од крајот на IX век до почетокот на X век, односно до смртта на Св. Климент Охридски, првиот словенски епископ, светител и просветител на македонскиот народ. Во историската наука оваа раносредновековна просветна и културна институција е наречена Прв словенски универзитет, најстар во Европа. Познато е дека Св. Климент со своите соработници просветил повеќе од 3500 ученици кои по неговата смрт се рашириле по словенските земји ширејќи ја христијанската вера, писменоста и науката меѓу народите од словенскиот род. Одблесоците на овој Универзитет се чувствувале по целиот среден век, а се чувствуваат и денес во рамките на духовните традиции кои се наше културно и духовно наследство.

Просторот на кој функционирал Св. Климентовиот универзитет е денешен Плаошник во Охрид, во близина и околу Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон, во јужното подножје од цитаделата на Самуиловата тврдина. Културните и просветните активности се одвивале сигурно во манастирскиот комплекс, во манастирските конаци, во алеите и под дрвјата на Плаошник.

Владата на Република Македонија одлучи да го возобнови овој културен и просветен монумент на македонската историја и заедно со Светиклиментовата црква Св. Пантелејмон на Плаошник повторно да блесне вкупноста на црковното и световното жариште, на најсветото место за Македонија и целиот словенски род (Плаошник). Во возобновениот универзитет е предвидено да функционираат галерии на икони, библиотеки, семинари, простори за книжевни, научни и други центри и образовен систем во рамките на Македонската православна црква, односно функционирање на средното богословско училиште или Теолошкиот факултет (како што ќе одлучи Синодот на МПЦ).


Една од идеите за изгледот на еден дел од Универзитетот (Академијата)

Динамика на активностите

Најпрвин ќе биде потребно да се формира Одбор за Возобновувањето во кого ќе членуваат авторитети експерти од македонскиот културен и научен врв кои ќе ја осмислат програмата на активностите и ќе стојат зад реализацијата на овој проект (до крајот на 2006 година).

Во март 2007 година би отпочнале систематските археолошки ископувања на соодветните простори од Плаошник кои ќе се одвиваат во текот на целата година.
Паралелно со овие активности ќе се подготвува Проектната програма за изградба на манастирските конаци кои би требало да бидат осмислени за функционирање во современи услови.


Плаошник – ексклузивна авионска снимка

Во втората половина на 2007 година би требало да се реализира конкурс со повикани архитектонски групи за подготовка на Идејниот проект. Од крајот на 2007 година до крајот на месец април 2008 година би требало да се заврши подготовката на Главниот проект.

Од средината на 2008 година до крајот на 2009 година би биле завршени вкупните активности според предвидената програма.

Сметаме дека овој потфат од капитално значење за македонската историја и култура ќе ги соедини сакралните и световните дострели на македонскиот народ во ова време, заедно со возобновувањето на Светиклиментовиот дух и Светиклиментовото време кои секогаш биле инспирација за одржување на македонскиот идентитет.

 

 Паско Кузман