Највисокото општинско признание што се доделува за животно дело, наградата „Свети Климент Охридски“-патрон на Охрид, оваа година не се доделува, соопшти денеска Комисијата за доделување награди и признанија при локалната самоуправа.

Комисијата одлучи да додели четири повелби на личности и институции за нивниот особен придонес во афирмацијата на Охрид во тековната година: на Радио Охрид во областа на информирањето, на д-р Никола Бакрачески за воведување на интервентна кардиологија во Заводот за лекување, рехабилитација и превенција на кардиоваскуларни заболувања Охрид, На Гоце Жура – историчар на уметност и на Образовниот центар ПС.

Комисијата освен штури информации за добитниците не соопшти дополнителни детали од официјалниот записник за одлуката за доделување на повелбите Патрон на Охрид. Образложувајќи ја пак одлуката на Комисијата за недоделувањето на Свети Климентовата награда, претседавачот на Советот, Владо Чингоски, рече дека за оваа награда пристигнала само една пријава на конкурсот за која комисијата ценела дека не ги исполнува критериумите.

Наградите ќе бидат доделени на Свечената академија на 8 Декември во х. Метропол.

Г. Момироски