Втора година по ред доделувањето на највисокото општинско признание, наградата Св. Климент Охридски-патронот на Охрид, го следат контроверзи. Наместо чин достоен на делото на големиот светител, доделувањето на признанијата по повод патрониот празник на градот се претвора во политички војна, со што се валка угледот на Охрид, но уште повеќе името на  неговиот заштитник и на многуте заслужни граѓани и институции кои во минатото ја понеле некогаш престижната награда.

Таман малку подзаборавивме на минатогодишните скандалозни случувања и откажувањето на свеченоста на која требаше да биде доделена Свети Климентовата награда, со што се деградира и признанието, но и имињата и заслугите на ланските добитници, нов скандал на повидок е и оваа година. Повторно наградата што се доделува за ЖИВОТНО ДЕЛО, ја поделија тројца. Неа годинава треба да ја понесат фестивалот „Охридско лето“ за педесетгодишната промоција на Охрид пред културниот свет, Здружението на граѓани „Богојавление“ за организација на манифестациите по повод Водици и денот на рибарите и бизнисменот Велија Рамковски за поддршката на фондацијата „Рамковски“ на културните настани во градот, изградбата на спорниот, но корисен Мост на желбите, како и за промоција на Охрид преку најавните шпици на А1 телевизија.

Покрај актуелниот политички момент и сомнежите за финансиски малверзации кои се надвиснати над фирмите на бизнисменот Рамковски, Комисијата за доделување награди и признанија, смета дека одлуката за Свети Климентовата награда е регуларна, затоа што кандидатурата на сопственикот на А1 била истакната речиси еден месец пред познатите случувања на „Перо Наков“ б.б.. Но, одлуката за доделување на наградата Комисијата не ја донела по завршување на Конкурсот на 8-ми ноември 2010 година, туку на 2 декември, во екот на валканата политичка битка помеѓу власта и опозицијата во чија средина е токму г-нот Рамковски. Неспорни се неговите заслуги за Охрид кои ги потенцираше Комисијата и тоа охриѓани знаат да го ценат, но дали е момент Охрид да му се оддолжи за тоа сега кога неговото име се поврзува со можни афери за што го обвинуваат  државните институции и со вакво признание? Има ли политика во одлука на Комисијата за доделување награди и признанија, како што тврди опозицијата во Советот? Охриѓани мора да добијат одговор и на прашањето што заедничко ги поврзува Велија Рамковски, Охридско лето и „Богојавление“ за да ја делат наградата Св. Климент Охридски – патронот на Охрид. Дали неспорните заслуги на „Богојавление“, здружение кое постои 7 години, околу организација на верска манифестација тежат колку и 50-те години традиција на Охридско лето?

Во светот кога се доделува награда за животно дело и слично, се доделува на поединец или институција, а во исклучителни случаи на тим соработници кои со својата заедничка работа постигнале врвни резултати во одредена област. Како општинската комисија за доделување награди и признанија ги извага заслугите на кандидатите и донесе одлука една награда да ја поделат институција, здружение на граѓани и бизнисмен, кои немаат ама баш никакви допирни точки, некој треба да и објасни на јавноста. И не само неа, туку и на плејадата  охриѓани кои со своите  дела го афирмирале овој град. Конечно тоа е потребно и заради добитниците на Свети Климентовата повелба, исклучително талентираната млада поетеса Кристина Аслимоска и неодамна починатиот Никола Маневски, доајенот на охридското новинарство, кому признанието му се доделува постхумно.

И конечно одговор му должиме и на заштитникот, зошто Св. Климент со своите дела кои силно одекнуваат веќе 11 века, најмалку заслужил да му се валка името заради нашата неспособност да ги надминеме недоразбирањата, тесноградите погледи, суетите и личните или политички интереси.

Горан Момироски