Свети Климент Охридски – патронот на Охрид годинава ќе се одбележува три дена. Според најавената програма свеченостите ќе започнат на шести декември(четврток) со Творечка лабораторија на која ќе биде претставен портретот на Вангел Деребан – човекот со златни раце. Настанот ќе се одржи во  Центар за култура “Григор Прличев”. Истиот ден ќе бидат промовирани и книгата поезија “Играјте местово е свирено” од Иван Паунчев и книгата “ Народни кажувања” од Трајко Најдески.

Чествувањата ќе продолжат наредниот ден, 7-ми декември, со отворање на изложба “Отпретани сведоштва-војнички писма од големата војна (1914-1918)“ од фондацијата Институт отворено општество Македонија и НУ Завод и музеј Охрид, што ќе се одржи во куќата на Робевци. Подоцна во ОУ „Христо Узунов“ ќе биде промовирана книгата ”По скалилата на виножитото до ликовното сосвездие” од Слободан Пупиноски. Истиот ден патрониот празник ќе го прослави ОУ “ Св. Климент Охридски”, а ќе биде отворена и изложба на роднокрајни сликари од Охрид.

На денот на празникот, 8 Декември, официјалните делгеции и претставници на локалната самоуправа ќе се поклонат пред моштите на св. Климент Охридски и ќе положат свежо цвеќе на споменикот на св. Климент во  ОУ “ Св Климент Охридски” и на градскиот плоштад.

Свеченостите ќе продолжат со промоција на книгата “ Охридски длаборез” од д-р Никола Бошале и на книгата “ Охридска читанка” од д-р Димитар Пандев. Чествувањата традиционално ќе бидат заокружени со свечена академија што ќе се одржи на 8 Декември во 20 ч. во х. Метропол, а на која ќе бидат доделени Свети Климентовите награди.

ohridnews