Со зборови си ги упатил
народите во верата Божја, со делата си се издигнал, преблажене, кон
божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветлил оние што
пристапуваат верно кон Тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со
знаменија. Поради тоа го славиме Твојот божествен спомен, Клименте.

(Тропар на Свети Климент Охридски)

Македонската
православна црква со посебно внимание но и со гордост го празнува
споменот на на својот патрон Свети Климент Охридски Чудотворец. Првиот
македонски архиепископ, во исто време и творец на далеку познатата
Охридска книжевна школа, исто така е најзначајниот средновековен
писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе
полиња, црковно,просветно, книжевно и.т.н. тој стана заслужен не само
за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.

Свети
Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на
Светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им
помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија.
Кога Свети Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети
Климент и тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Свети
Кирил во Рим, Свети Климент заедно со Свети Методиј се вратил во
Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во
црковната богослужба. По смртта на Свети Методиј кога неговите ученици
биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија во почетокот на
886 година, со Свети Наум и Свети Ангелариј дошле во Охрид. Овде ја
основале познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски
универзитет во кој оспособил над 3500 ученици за црковна богослужба.

Паралелно
со црковната и педагошката се занимавал и со книжевна и преведувачка
дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на Кирил и Методиј 
познати како „Панонски легенди“, најзначајниот извор за проучувањето на
животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите
христијански празници , за други празници на апостоли и маченици како и
повеќе пофални слова за христијаски светители. Се упокоил во 916 година
и бил закопан во гробот што го ископал со сопствени раце во црквата
посветена на Св. Пантелејмон на Плаошник.

Свети
Климент Охридски е заштитник на градот Охрид. Преданијата раскажуваат
дека секогаш кога над градот ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал
духот на светецот и го спасувал градот од страдања.

Песна за укинувањето на Охридската архиепископија

Хилјада и седемстотин шесдесет и второ лето
В Охрида от Цариграда дошел Салаор
Се претствил пред Арсења, наша Патрика честнаго,
и му рек’л слово горко, слово жалостно:
Царска волја е да тргнеш денеска за в Цариграда,
на тебе од врли Грци голем поплак е
Собрал Патрик свое стадо в црква свјатиј – Климентова,
Благослов му дал последен, р’це заплетил.
Д’лго време липал старец во м’лчаније всенародно
и по бела брада ронел с’лзи горешти
„Слушајте ме мили чеда, јас ќе одам в Цариграда:
На мене од врли Грци голем поплак е.
Грцкиј Патрик ќе ни строши славна Охридска столица
И мене до смрт ке држи в заточение.
Ќе прати владици Грци, лицем светци, срдцем в’лци
Ќе ве дават, ќе ве стрижат ќе м’лзат до крв.
Меѓу народа ќе сејат несогласие и раздори.
Да се мрази син со татка и со брата брат.
И ќе викнете до Бога и крило не ќе најдете,
Смирени ќе наведете глави до земи,
Ќе ми бидете сираци; така било написано.
Ела те ми да ви гушна за последен п’т“.
Чрна т’га поразила старо, младо, м’жи, жени
Вси со р’це заплетени с’лзи проливат.
Тој ги гушка тие т’жни му целуват десна р’ка,
и од р’ка как од извор с’лзи се лејат.
Вјахнал Патрик брза коња и неволно уп’тил се.
Тога громки плач народен небо процепил.
Умилил се честниј Патрик, свалил шапка навезана
Погледнал на сино небо, љуто прок’лнал:
„Ох ! послушај мили Боже ! Хаир никога да немат
Стамче Беј и Бујар Лигдо, Нејко челеби“.
Милостивиј Бог ослушал Патричка горешта клетва;
Слава нихна, семе нихно погубил со шум.
И сега во куќи нихни ткае пајак пајачина
И на пусти стрехи нивни хукат хутове.

Григор С. Прличев


Подготви:
Јасминка Т. Момироска