Светите бесребреници Кузман и Дамјан во народот познати како Свети Врачи наречени се бесребреници или безмитни затоа што бесплатно ги лекувале сиромашните болни, а среброто е поим за алчност.

Според една легенда родени се во Азија каде што и умреле во малоазискиот град Фереман.

Според друга пак родени се во Рим, а умреле во планината каде што биле каменувани од својот некогашен учител кој им завидувал на славата затоа што го надминале.

Легендата вели дека со успех го изучиле лекараскиот занает, а господ ги дарувал со исцелителска моќ да лекуваат секакви болести.

Во народниот живот овој празник повеќе го празнуваат оние што се занимаваат со народна медицина, лекување, баење…

Тие на овој празник не работат, зошто во спротивно нема да им се фати лекот.
 
По повод празникот денеска во црквата „Свети врачи Козма и Дамјан“ – Варош, ќе се служи света архиерејска литургија на која ќе чиноначалствува неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.

По тој повод Дебарско-кичевската епархија ги повикува сите свои верници на заедничко прославување на овие празници.

Јасминка Т. Момироска