Свети апостол Вартоломеј е еден од дванаесетте славни Христови апостоли. Поради проповедање на Христовата вера бил распнат на крст со главата надолу но се спасил затоа што во тоа време се случил голем земјотрес во кој загинале тие што го мачеле,судиите заедно со многу народ, а тој останал неповреден. Тоа се сметало за божја казна кон оние што го клеветеле и суделе. Потоа Евангелието го проповедал во Индија, каде и го превел на тамошен јазик Евангелието по Матеј. Потоа се вратил во Ерменија каде што од завист поради тоа што ја излекувал царската ќерка од лудило е распнат на крст, одрана му е кожата и отсечена му е главата.
Варнава (Јосиф) од Кипар е еден од седумдесетте апостоли. Името му било Јосиф, а Варнава е наречен зошто тоа значело Син на Утеха, а тој оставал впечаток на околината по тоа што ги тешел луѓето. Христијанската вера ја ширел и Евангелието го проповедал заедно со апостолите Марко и Павел во Антиохија, Рим и Милано. Настрадал на Кипар од Евреите и бил погребан од Марко заедно со Евангелието по Матеј кое за време на животот го препишал на рака.
Во oхридско како што запишал Е. Спространов, Свети Вартоломеј бил познат како Вртолом, и од тој ден сонцето се вртело кон зима и за тоа многу жалело. Го вртеле дванаесетте апостоли, и тие исто така, многу жалеле зошто се завртувало кон зима.
Во Радовиш овој ден се сметал за тежок празник зошто од тој ден сонцето се завртува кон „зимо“. Во овој крај луѓето станувале рано пред сонце за да го видат како ќе изгрее, ќе се затемни и ќе се заврти. Се завртувало еднаш на едната потоа на другата страна. Овде на овој ден и овчарите го одредувале какво ќе биде времето.Го посматрале времето 12 часа и секој час одговарал на еден месец во годината. Поискусните овчари знаеле да ги бележат не само сонцето туку и ветерот од каде дува и со која силина, колку на небото има облаци и со која боја се и каде се движат, дали сонцето пече силно или послабо и по овие знаци погодувалекакво ќе биде времето во секој месец, каква ќе биде зимата, какво летото и другите годишни времиња.
Јасминка Т. Момироска