Светиот Дух на Духовден по воскреснувањето на Исус апостолите се
растуриле по светот за да ја проповедаат светата Христова вера. На тој
план најмногу се истакнале светите апостоли Петар и Павле.
Петар
е роден во селото Витсаида на брегот на Галилејското езеро. Бил рибар и
еднаш кога ловел риби на езерот го видел Исус и го повикал по што овој
го напуштил рибарскиот занает и му се придружил. Првото име му било
Симон, а кога Исуса го признал за Божји син овој го нарекол Петар, што
значи камен (карпа). Со тоа Исус сакал да каже дека својата црква ќе ја
изгради врз верата на Петар што била цврста како камен.
Како
верен Христов ученик Петар бил со својот учител во многу прилики во кои
не биле другите апостоли како на пр. Преображението, при
воскреснувањето на Јаировата ќерка и сл. Петар предложил да биде избран
нов апостол на местото од Јуда кој по предавството се обесил. Бил
избран Матеј и со тоа бројот на Христовите апостоли пак станал
дванаесет. Исто така, по слегувањето на Светиот дух врз апостолите кога
овие се исполниле со него и започнале да зборуваат на разни јазици и
кога народот помислил дека се пијани Петар одржал впечатлива беседа
кажувајќи дека тие не се пијани туку дека тие се исполнети со светиот
Дух. По оваа беседа Петар ги повикал присутните да ја примат Христовата
вера и само во тој ден се крстиле околу 3000 луѓе.
Затоа што
бил голем поборник на Христовата вера Петар бил трн во очите на
еврејските свештеници, кои чекале погодна прилика да се пресметаат со
него. Еднаш на стари денови Петар дошол во Рим. Тогаш таму владеел
Нерон, голем безбожнок и тиранин, противник на христијанството, а
христијаните ги фрлал во арените со лавови. Тој и апостол Петар го
осудил на смрт, но кога сакале да го погубат со распнување Петар ги
замолил да не го прават тоа зошто не е достоен да умре како својот
учител Исус Христос туку да го распнат со главата надолу. Егзекуторите
така и направиле и на 12 јули во 61 година светиот апостол Петар во
големи страдања го завршил животот. Во близината на Рим, истиот ден
исечен од противниците на Христијанството е и апостолот Павле. Затоа
светата Христијанска црква споменот на овие двајца апостоли го слави во
ист ден.
На иконата Петар и Павле се претставени заедно, Петар
со клучеви од рајот, а Павле со меч симбол на сопствената смрт. И
двајцата држат отворени книги.
Петровден повеќе се смета за
црковен празник, постарите луѓе одат во црква, а кој постел во
Петровденските пости се причестува. На овој ден може и да се работи
зошто е во време на најголемата жетва. Некои го држат празник само до
пладне, а попладне работат.
Во Галичник Петровден се сметал за
голем празник, тогаш доаѓале печалбарите и се правеле и свадбите.
Останало забележано дека некогаш во еден ден имало и до 50
свадби. Петровден традиционално се слави во охридскиот крај.
Јасминка Т. Момироска