Свети апостол и евангелист Лука e роден во Антиохија. Во младоста добро ја изучи грчката филозофија, медицината и иконописот. Во времето на делото на Господ Исус на земјата Свети Лука дошол во Ерусалим и таму го видел Спасителот лице в лице, ја чул неговата спасоносна наука и станал сведок на неговите чудесни дела. Откако поверувал во Господ, Св. Лука бил вбројан меѓу Седумдесеттемина апостоли и пратен на проповед.

Заедно со Клеопа Го видел воскреснат Господ на патот за Емаус (Лука 24). По слегувањето на Светиот Дух на апостолите, Лука се вратил во Антиохија и таму му станал сотрудник на Св. апостол Павле со когошто патувал во Рим, обраќајќи ги во Христовата вера Евреите и незнабожците. „Ве поздравува Лука, лекарот љубезен“, им пишува на колосјаните Св. апостол Павле (Колосјани 4, 14). На молба на христијаните го напишал Евангелието, околу 60 година. После мачениката смрт на Св. апостол Павле Свети Лука го проповедал Евангелието по Италија, Далмација, Македонија и на други места.

Ја иконописал Пресвета Богородица – и тоа не една туку три икони – а исто така Светите апостоли Петар и Павле. Оттука Свети Лука се смета за основач на христијанскиот иконопис. На старост го посетил и Горен Мисир. Од Мисир се вратил во Грција, каде што со голема ревност продолжил да проповеда и да ги обраќа луѓето кон Христа, не обѕирајќи се на својата длабока старост. Свети Лука ги напишал Евангелието и Делата Апостолски, обете посветувајќи му ги на Теофил, кнезот на Ахаја. Имал осумдесет и четири години кога злобните идолопоклоници го подложиле на маки заради Христа и го обесиле на една маслина во градот Тива (Теба) Беотиска. Чудотворните мошти на овој прекрасен светител во времето на Константиновиот син, царот Констанциј, биле пренесени во Цариград.

OhridNews

Свети апостол и евангелист Лука