Првиот Христов апостол Св. апостол Андреј наречен Првоповикан има значајно место во христијанската религија и во народниот живот, иако со неговото име и неговиот ден се поврзани малку обичаи и верувања.

Роден е во Витсаида на брегот на Генизаретското Езеро и е роден брат на Св. апостол Петар. Тие биле рибари и ловеле риби на Генизаретското Езеро. Најпрвин Св. апостол Андреј бил ученик на Св. Јован Крстител, а кога Јован покажувајќи кон Исус рекол:„Еве тоа е јагнето Божје што ги собира сите гревови на овој свет“ тогаш Исус го повикал, оттука и е наречен Првоповикан. Андреј станал прв Исусов ученик и никогаш повеќе не се одделил од него. Присуствувал на сите големи настани поврзани со Исус Христос, потоа кога Исус им се јавил на апостолите по Воскресението, на Вознесението, како и на слегувањето на Светиот Дух.

Кога апостолите се растуриле по светот за да го проповедаат Евангелието, Андреј отишол во Византија, Тракија, Русија, Рим и.т.н. На Пелопонез во градот Патрас излечил многу болни и многу придобил за христијанската вера. Дури ги придобил и братот и снаата на градоначалникот поради што овој наредил да биде распнат на крст но не како Исус, туку во форма на буквата Х. Два дена и две ноќи 70-годишниот Св. апостол Андреј се мачел пред да испушти душа. За време на владеењето на цар Константин Велики неговото тело е пренесено од Патрас во Цариград и е поставено во црквата на Светите Апостоли. Подоцна главата му е пренесена во Рим каде што и денес со многу почести се чува во црквата Св. Петар.

Во народниот говор името Андреја асоцира на нешто јадро(крупно), па поради тоа е поврзано со верувањето дека од овој датум денот наедрува, се зголемува. Ваквото толкување на овој ден во Охрид го запишал Е. Спространов, а слични толкувања се запишани и во Прилеп, Крушево и др. места.

Во Петричко спроти празникот домаќинката во ново грне варела разни зрна: жито, пченка, боб, леќа и др., да наедруваат. Потоа секој фрлал во комината со молитва за добар род на земјоделските култури, а другото го јаделе.

OhridNews