Злата Мегленска станала симбол на отпорот против турскиот поробувач и
пример за одбрана на христијанската вера. Била една од трите ќерки на
еден селанец од Слатино. Кога поодраснала била многу убава поради што
била забележана од синот на селскиот агалар, познат зулумќар и
силеџија. Тој намислил да ја земе и еднаш кога таа во блиската шума
собирала трески за печење леб со група пријатели ја грабнал и ја одвел
во својот дом. Се обидел во почетокот со убаво да ја убеди да ја смени
верата и да стане негова анама ветувајќи и богатство и раскош. Но Злата
сето тоа го одбила велејќи дека е решена побргу да умре отколку да си
ја мени верата. И кога со ништо не успеал да ја придобие ја предал на
џелатите да ја измачуваат. Злата Мегленска била подложена на најжестоки
измачувања. Ја тепале со камшик, ја обесиле на дрво со главата надолу,
и ја дереле кожата, а потоа врзана за врат со ортома ја шетале низ
селата да ги заплашуваат христијаните. И кога со тие тортури не успеале
да ја придобијат и скршат, ја исекле со меч на 26-ти октомври 1795
година. Деловите од нејзиното тело џелатите ги фрлиле во реката
Мегленица, а подоцна овчарите ги нашле во еден вир, ги собрале и ги
однеле во домот на нејзините родители по што биле погребани по сите
христијански обичаи.
Набргу после смртта населението ја сметало
за светица и и“ биле посветени некои свети дрва во близина на селото.
Житието на Света Злата Мегленска го напишал светогорскиот калуѓер
Никодим во 1799 година.
Јасминка Т. Момироска