Со празникот посветен на нејзиниот спомен започува месецот март, а според некои и новата година.
Први март уште се вика и Летник, зошто според верувањата тогаш започнува летото. На овој ден низ цела Македонија се изведуваат богати обичаи кои врз магиски принцип треба да обезбедат заштита од разни штетници, од змии, болви, од шумски ѕверови, но и здравје на луѓето во претстојната работна сезона.
Најголем дел обичаи поврзани со овој празник се случуваат вечерта спроти празникот. Тогаш се бере кукурек и се запотнуваат куќите, плевните, шталите, потоа посебно се запотнуваат креветите, ношвите, огништето, амбарите, леите, плугот и др. Се верува дека потката ќе ги чува овие објекти како и луѓето и добитокот од разни болести и други несреќи.
Меѓу позначајните обичаи на овој празник е правењето мартинки. Тие најчесто се прават од бел и црвен конец околу вратот или на рацете и нозете. Најчесто ги носат децата, но во некои краеви ги носеле сите членови во семејството како магиска заштита од несреќи. Во Дебарца – охридско, мартинките се правеле од бела и црна волна но само од волна што била оскубана од овците. Кога мартинките ќе биле готови им ги шиеле некому околу појасот, на други на ногата или околу раката. Притоа се велело “Гад в гора (името) в поле“. Со тоа змиите, смоковите и другите гадинки се праќале во гората далеку од луѓето. Ги викале гадови, не им ги спомнувале имињата, зошто според верувањето ако им го кажеле вистинското име тие веднаш ќе дојделе. На помалите деца мартинка со паричка им врзувале околу вратот. Мартинките ги носеле се додека не виделе ластовица или штрк, тогаш ги фрлале велејќи: “На ти ластојце мартинка да ми дајш кошула“. Е. Спространов забележал дека во Охрид мартинки правеле од бела и алена волна, а ги врзувале на рацете или ги шиеле на облеката и ги носеле цело лето за да не ги касаат змиите.
Во Струга за да не ги јадат болви луѓето ги менувале местата каде што спиеле. Во селата како и во градот Охрид , како што сведочи К. Шапкарев, “грмеле“ од пушка за отстранување на болвите, а според записот на Е. Спространов тој обичај бил забранет од властите.
Особено интересни се обичаите и верувањата поврзани со заштитата од змиите. Освен тоа што мартинките се зашиваат за да им се зашијат устите на змиите, тие се прават мижејќи за да не ги гледаат змиите. Во врска со овој празник и змиите поврзани се се и неколку народни лекувања. Така на пример Е. Спространов запишал дека “Змиите излегвет на Летник и е многу арно да фатиш тога некоја и да провриш низ очите нејзини конец какоф да е. Тој конец е многу арно да го врзиш за гушата на љуѓе шо падинет. -За таа цел оделе во с. Свињишта или во Белчишта (раскажувачката не можела точно да му каже) каде што иамло дувло од змии и кога излегвеле по прв пат ги ловеле во дупката. Низ очите им пронижувале конец со игла и после ги пуштале“.
Со Летник е поврзано и верувањето за разбивањето на луѓето од страна на птиците. Во Охрид на Летник, но и потоа во текот на пролетта луѓето се плашеле да не ги разбие пупунец. Разбивање го викале ако го слушнат гладни (на гладно срце), пеењето (пупањето) на оваа птица. Тогаш верувале дека ќе се разболат или ќе ги снајдат други несреќи во текот на годината. Верувале дека ќе им смрди устата ако ги разбие пупунецот. Затоа на овој ден, а и подоцна веднаш по станувањето од постела каснувале барем еден залак леб. Но кога ќе ја чуеле птицата верувале дека тие ја разбиле и потоа не се чувале. Исто така се плашеле и од кукајцата. “ И кукајца да те разбиет не е арно – ја ќе умрит некој, ја на зијан је – секој ден ќе чиниш зијан по една аспра“.
На овој ден во Охрид секој еден што ќе влезел во куќата бил должен да набере и да донесе по неколку дрвца, гранки и сл. и веднаш по влегувањето да ги стави во огнот за да се зафаќале пилиња. Инаку не бил приман во куќата. Како прв пролетен или летен ден за Летник се поврзани и други обичаи и верувања што имаат за цел да иницираат среќа, здравје и бериќет во текот на цела година.