Светата архиерејска литургија, по повод големиот јубилеј 40 години од хиротонијата во архијерејска служба и 70 години од раѓањето на Неговото Високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, беше отслужена денес во катедралниот храм „Св. Софија“.

Овие 40 години работев како знаев и умеев, да послужам и да направам тоа што годините и условите дозволуваа да се направи. Се надевам дека и во иднина колку Господ ми даде сили и можност, сега помалку физичка сила бидејќи староста си покажува своето, но, тука предност е искуството, белите коси даваат предност да се оди едноставно и полека, со поголема разборитост и тактичност до нови постигнувања, рече митрополитот Тимотеј.

Епископот Климент во словото по повод јубилејот на Митрополитот Тимотеј истакна дека делата на митрополитот Тимотеј се очевидни, јавни и секуму достапни за проверка, па нека бидат своевидни водилки што ќе доближуваат до неговиот лик.

Тој е личност на црквата, сведок на божјата милост во историјата, искален духовен и црковен деец. Неговиот идентитет е црковен и извира од Христовото евенгелие. Тој е архиереј на црквата Христова, едуциран теолог, инспиративен беседник, посветен пастир…изграден авторитет што влева доверба без присила.

Во присуство на највисоките црковни лица, јавни личности и бројни верници на свеченоста со одлука на Синодот на МПЦ-ОА на митрополитот Тимотеј за 40-годишната архиерејска служба во МПЦ и несебичниот влог во духовниот живот на Дебарско-кичевската епархија му беше врачено и највисокото црковно одличје „Орден на Свети Климент Охридски од прв ред”.

OhridNews