Посмртните останки на Митрополитот Тимотеј утрово беа пречекани од голем број свештени лица и верници во храмот Свети Климент Охридски на Плаошник каде се отслужува Заупокоена Света Архиерејска Литургија со која чиноначалствува викарниот епископ на Дебарско-кичевската епархија, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.

Посмртните останки на Митрополитот Тимотеј се изложени за проштално збогум од почетокот на Светата Литургија, па сѐ до крајот на вечерната служба денес.

Свештенството, монаштвото и верниот народ на Дебарско-кичевската епархија се обединети во молитвата за покој на неговата душа, со надеж на воскресение и светло блаженство. Неговиот живот и служба беа светол пример за пастирска љубов, пожртвуваност и посветеност кон Црквата Божја,  велат од Дебарско-кичевската епархија.

Со длабока тага во срцата и со смирение пред волјата Божја, Свештена Бигорската Обител ја доби веста за упокојувањето во Господа на нашиот сакан и возљубен Митрополит дедо Тимотеј, објави Бигроскиот манастир.

Целото братство на Бигорскиот манастир, на чело со нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, со синовска љубов изразува искрено сочувство до целото свештенство, монаштво и верниот народ на Епархијата, како и до сите кои го познаваа и го љубеа нашиот Митрополит. Молитвите кон Господа во нашите срца сега се насочени за упокојување на неговата душа во вечните дворови на праведниците. Добриот наш Бог нека го удостои со Царството Небесно и со учество во вечната радост на светлината Христова. Вечен спомен и добар Ти Рај, сакан наш архипастиру, стои во објавата.

Митрополитот г. Тимотеј е роден на 20 октомври 1951 година во Младо Нагоричане, Кумановско. Потекнува од благородни и богољубиви родители Александар и Љуба Јовановски, кои уште од детски години го задоиле својот пород, меѓу кои и младиот Славе, со христијанска љубов и љубов кон Бога.

Почитта кон Бога придонесла, по завршувањето на основното училиште, под сестраната духовна грижа на протојереј–ставрофор Стојко Спасевски од Куманово и пастирските упатства на протојереј–ставрофор Спасе Стефановски, младиот Славе да се запише за редовен ученик во Македонската православна богословија „Св. Климент Охридски“, прво во манастир „Св. Илија“ во с. Бањане, крај Скопје, а потоа во Драчево. По завршувањето на Богословијата, се запишал на Богословскиот факултет во Белград, на кој дипломирал во 1976 година.

По дипломирањето, една година бил службеник во Македонската Архиепископија во Скопје. Потоа, заминува на постдипломски студии на Понтификалниот ориентален институт во Рим (од 1977 до 1979 година). Успешно магистрирал со тезата „Култот на Пресвета Богородица во Охрид и Охридско” и се здобил со магистерска диплома. На повик на САС на МПЦ – ОА, се враќа во Татковината и се вработува како предавач на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ по предметите: Литургика, Историја на уметноста и Патрологија. САС за МПЦ – ОА го назначи и за в.д. ректор на Богословијата „Св. Климент Охридски“ во Драчево – Скопје.

На 10 септември 1981 година во манастирот „Св. Јован Крстител“ – Бигорски од десницата на тогашниот Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Ангелариј е замонашен со монашко име ТИМОТЕЈ; на 11 септември 1981 година е ракоположен за јероѓакон во истиот манастир; на 13 септември 1981 година е ракоположен во јеромонашки чин во манастирот „Св. Богородица“ – Пречиста кај Кичево, а за архимандрит е произведен во метохот на ман. „Св. Наум Охридски“ (ман. „Св. Наум Охридски“) во Битола. По изборот за епископ од страна на САС на МПЦ, на 20 септември 1981 година е хиротонисан за архијереј на МПЦ – ОА во црквата „Св. Димитриј“ во Скопје.

Од 21 септември 1981 година, со Одлука на САС на МПЦ, е назначен за Митрополит Австралиски. Тогашните услови налагаа да му биде доделена и упразнетата Дебарско–кичевска епархија која ја управуваше како нејзин Администратор, од кадешто со самопрегор и трпеливост ќе раководи со двете епархии: со Австралиската до 1995 година, а со Дебарско–кичевската епархија до неговото упокојување. Од 2016 година од САС на МПЦ – ОА е назначен да управува како администратор со Австралиско-сиднејската епархија.

Во изминативе 43 години како архијереј на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Митрополитот Тимотеј извршуваше и многу други одговорни задолженија: беше секретар на САС на МПЦ и Администратор на Повардарската епархија (1997 – 2000 год. и од 5. 7. 2002 до 1. 10. 2006 година), а до неговото блажено упокојување беше и портпарол на САС на МПЦ.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски