Заврши денешното рочиште на кое во Специјалниот суд сведочеше малолетниот К.К кој на 3 мај 2023 година изврши масовно убиство во ОУ „Владислав Рибникар“, иако се очекуваше тој да биде во изолирана просторија. Распитот на момчето не е завршен и ќе продолжи на 17 октомври, исто така во судницата на Специјалниот суд, јави дописникот на МИА од Белград.

Како што изјавија за медиумите по рочиштето адвокатите на оштетените, ова им бил еден од најстресните рочишта во кариерата, но не зборуваа за деталите, бидејќи јавноста е исклучена од судењето.

Како што неофицијално пренесуваат медиумите, детето убиец досега било на распит кај судијата, обвинителите и адвокатите на оштетените.

Преку прашањата кои му беа поставени денеска не го дознавме мотивот и зошто тоа се случило, но мислам дека неговата денешна изјава оди во насока дека тоа ќе се дознае. Останува да видиме дали ќе има дополнителни детали за евентуални дополнителни обвиненија. Неговото рочиште не е завршено и продолжува на 17 октомври, рече Огњен Божовиќ, адвокат на семејствата на убиените и додаде дека денеска било едно од најстрашните судења на кои присуствувал во кариерата, и да било многу тешко.

Според пишувањето на Курир и Мондо „момчето убиец, кое можеше да одлучи да не сведочи во постапката против неговите родители, на прашање на судијата дали сака да сведочи, одговори „Сакам“. Намерно одлучил да задоцни на првиот час „за учениците да бидат во училницата”.

Сепак, она што е пресудно, тој денеска изјави дека иницијална каписла за грозоморното злосторство што го направил било тоа што мајка му постојано барала да биде најдобар во се и дека тоа многу му пречело. Тој рече дека инсистирањето на мајка му да биде најдобар влијаело врз него да го изврши ужасниот масакр. Тој изјавил и дека доколку ги немал пиштолите на татко му, сигурно немало да го стори злосторството, откри извор на Курир.

Во овој случај им се суди на родителите на момчето Владимир и Миљана Кецмановиќ и на инструкторот на стрелиштето Немања Маринковиќ кој е обвинет за кривично дело давање лажен исказ.

К.К., кој на 3 мај минатата година изврши масовно убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“, денеска за првпат лице в лице се сретна со семејствата на неговите жртви, родителите на убиените деца кои се потресени, тажни и со солзи во очите, но и со неговите родители, со кои од подигање на обвинението му е забрането да комуницира.

Родителите на малолетниот убиец Миљана и Владимир Кецмановиќ на претходните судења ја дадоа својата одбрана и негираа вина. Во овој случај, судот го затвори судењето за јавноста поради заштита на интересите на малолетните жртви.

Таткото на момчето е обвинет дека сторил кривично дело – тешко кривично дело против општата безбедност, бидејќи однел 13-годишно дете на стрелиште и го научил да пука, како и дека небезбедно дома чувал оружје.

Мајката Миљана Кецмановиќ е обвинета затоа што нејзината ДНК е пронајдена на чаура во училницата каде што бил извршен масакрот.

Момчето К.К., во моментот на ова кривично дело сè уште немало 14 години поради што не одговара кривично, стрелал на своите соученици од два пиштоли на татко му.

Потоа истите кобниот ден ги ставил во ранец, отишол на училиште и на првиот час убивајќи 10 луѓе, и ранувајќи уште пет деца и наставничката по историја.

OhridNews