На пригодна свеченост која денес ќе се одржи во Центарот за култура во Охрид ќе биде доделена наградата за најдобра поема „Григор Прличев“ на годинешнито лауреат, поетот Славе Ѓорѓо Димоски.
Свеченоста ќе започне во 12 часот, а во рамки на истата ќе биде презентирана неговата наградена поема „Денес“.
Претходно од 11:45 часот ќе биде поставена изложба на ликовни дела од колекцијата на НУЦК „Григор Прличев“ во изложбениот салон.
Чествувањата продолжуваат утре, кога во 10 часот ќе биде положено цвеќе пред споменикот на Прличев во училишниот двор на општинското основно училиште што го носи неговото име, а од 10:30 часот предвидени се панихида и полагање цвеќе на гробот на поетот во близина на црквата „Св. Богородица – Перивлепта“.
Во 11 часот во Спомен куќата на Григор Прличев ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ во чии рамки ќе се читаат нарадени литературни творби, а ќе биде промовирано и изданието „Охридски поети“ од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски. Во 12:30 часот предвидено е полагање лавров венец и свежо цвеќе пред спомен – бистата на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“, со обраќање на Смиле Наумоски – член на Друштвото на писатели на Македонија.
Во 13 часот во охридската библиотека ќе се одржи „Охридска визита“ во рамки на која беседа за поетот и преродбеник Прличев ќе одржи Елизабета Шелева, по што ќе следи прогласување на добитникот на наградата за најдобра беседа во чест на Прличев за 2024.
Годинешната програма во чест на Прличев ќе биде заокружена со свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“ во НУЦК „Григор Прличев“ од 19 часот.
OhridNews