Утре, со почеток во 11 часот, во болницата Свети Еразмо, свечено ќе биде пуштен во употреба современиот центар за физикална терапија, при што најавено е присуство и обраќања на министрите на локална самоуправа и здравство, Горан Милески и Венко Филипче, како и на Амбасадорот на Швајцарија во Скопје, Н.Е. Сибил Сутер Тејада.
Покрај нив, учество ќе земат и Претседателот на Советот за развој на Југозападниот плански регион, Рамис Мерко, градоначалникот на Општина Охрид, Константин Георгиески, директорот на болницата Ацо Велески и раководителот на Центарот за развој, Мирјана Лозаноска.
Центарот за развој на Југозападниот плански регион „Реконструкцијата и опремувањето на современиот центар за физикална терапија во болницата Св.Еразмо“ ја изврши со средства во висина од 8 милиони денари, обезбедени преку Грантовата шема за инвестициски проекти во рамки на проектот “Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“, финансиран од страна на Министерството за локална самоуправа и Швајцарската агенција за развој и соработка.
Со реконструкцијата на базенот за физикална терапија во специјалната болница „Свети Еразмо“ се создадени услови пациентите од установата, но и од поширокиот регион, да можат да ги користат специјалистичките услуги на овдешните стручњаци за лекување на болести поврзани со нарушените моторни функции кај човековото тело.
OhridNews