Со сечење на лента, денес, свечено беше пуштена во употреба реконструираната улица „ Питу Гули“, проект финансиран со средства од Светска банка, а со поддршка на владата и локалната самоуправа.
Како што истакна градоначалникот Никола Бакрачески, станува збор за проект од патната инфраструктра кој е реализиран според сите стандарди и следејќи ги сите постапки за градење.
– Реконструкцијата на оваа значајна артерија за Охрид опфаќа нова коловозна конструкција и изградба на нови тротоари низ должината на улицата. Особено е значајно што се поставени сливници за одвод на коловозот и изградба на целосно нова комунална инфраструктура кон споредните улички со што во иднина ќе се одбегнат прекопи на коловозната конструкција, рече Бакрачески.
Вкупно се асфалтирани и уредени околу 800 метри со ширина на коловоз од 7,5 до 9 метри и нови тротоари со ширина од 1,8 до 2,5 метри. На новиот коловоз поставени се два слоја нов асфалт со дебелина од 11 сантиметри. Вредноста на проектот е околу 12 милиони денари, а изведувач е фирмата „ Илинден“ од Струга.
Денес, со пригодна свеченост беше означен и стартот на реализацијата на уште два инфраструктурни проекти, кружни текови- на пресекот на Булевар „ Туристичка“ со улицата „ Македонски Просветители“ и другиот на пресекот на „ Туристичка“ со улицата „ Стив Наумов“.
Т.К.