Со прекрасен пијано концерт на истакнатиот германски пијанист и професор Клаус Шилде вчеравечер во цркавата „Света Софија“ во Охрид започна првото издание на фестивалот „Piano Summer Ohrid“.
Фестивалот за отворен го прогласи Претседателката на Советот на општина Охрид Гордана Коњановска, која истакна дека овој фестивал значително ќе придонесе за збогатување на културната понуда на градот.
Во рамки на фестивалот кој го организира здужението „Клавирско лето“ од Битола, до 27-ми август во просториите на Музичкото училиште „Методи Патче“ ќе се одржува и Меѓународна летна академија за пијано која ќе биде под водство на професорот Шилде.
Покрај едукативните часови, секој ден ќе бидат организирани и вечерни концерти, на кои ќе настапуваат учесниците на академијата. Концертите ќе се одржуваат во Големата сала на општина Охрид и на отворено во дворот на Основното училиште „Свети Климент Охридски“.
Како посебна атракција за љубителите на музиката ќе биде пијано маратонот кој ќе се одржи на 24-ти август на отворено, во центарот на Охрид, а на кој ќе настапуваат и специјални гости. Исто така во склоп на фестивалот ќе се одржат и две предавања на музичка тема, кои ќе ги водат пијанистите Тимеа Шари од Унгарија и Марија Динов од Србија.
Вечерва во рамки на фестивалската програма, концерт ќе одржи познатиот пијанист Димитриј Романов од Русија. Концертот ќе се одржи во Големата сала на општина Охрид со почеток во 21.30 часот, а влезниците чинат 200 денари.
OhridNews