Со музичко-поетски перформанс на македонскиот пијанист Дино Имери и традиционалното палење на поетскиот оган вечерва свечено се отвори 63. издание на фестивалот „Струшки вечери на поезија“.
Манифестацијата се отвори во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Домот на поезијата, во присуство на голем број поети од земјава и од странство, како и на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, владини претставници и љубители на пишаниот збор.
Чествувајќи ја 200-годишнината од кодифицирањето на Брајовото писмо, за првпат титуларната песна на „Струшките вечери на поезијата“, Константиновата “Т’га за југ“, беше прочитана од лицето со оштетен вид Беира Салифоска со помош на Брајовото писмо.
Со мотото „Допир на убавината“, оваа година оддаваме почит и одбележуваме 200 години од кодифицирањето на Брајовото писмо. Ако постои објективна реалност, каде убавината се восприема преку очите, тогаш Брајовото писмо е „окото“ за лицата со оштетен вид и слепите лица. Преку неговата рељефност, допирајќи го, тие се допрени од убавината на поезијата. Од врвот на прстите до дното на душата, рече актерката и водителка Софија Насевска-Трифуновска.
Поетски говор одржа македонскиот писател Веле Смилевски, кој посебен акцент стави на годинешниот лауреат, добитник на „Златниот венец“, Жан Пјер Симеон.
„Струшките вечери на поезијата“ во изминатите децении одиграа значајна улога во одржувањето на чувството за потреба од пораките на поетите од сите меридијани, во мисија за запознавање и зближување на народите, литературите и културите од светот. Таа мисија ѝ овозможува на поезијата да биде составен дел на животот со улога која, овогодишниот добитник на наградата „Златен венец“, францускиот поет Жан Пјер Симеон, смело ја истакнува во својата песна со наслов „Поезијата треба да владее со светот“. Во својата порака лауреатот вели: „Поезијата е, всушност, одбрана на целото човештво против оние што го поседуваат и владеат со светот. Свет кој секојдневно е исполнет со убиства, масакри, деструкции. Свет кој го уништува оној живот за кој поезијата сонува, во својата потрага по идеалната слобода во кој ќе владее љубовта, рече Смилевски.
Манифестацијата официјално ја прогласи за отворена министерот за култура и туризам Зоран Љутков, кој потенцираше дека низ годините на фестивалот биле дел најкултните светски, поетски имиња.
Слободно можеме да констатираме дека оваа манифестација има глобално значење, почитувана е и верификувана од светска културна јавност. Континуирано, веќе шеесет и три години, поети од целиот свет, овде, во Струга, ја пренесуваат убавината на пишаниот збор и во единствен, хармоничен глас, испраќаат јасна порака до светот – дека не постојат мали и големи јазици, мали и големи култури. Над реката Дрим, „Струшките вечери на поезијата“ ги сплотуваат стиховите на јазикот на цивилизациското разбирање, јазикот кој сите ние мораме да го зборуваме и да го почитуваме – потенцираше Љутков.
Вечерта продолжи со поетското читање „Меридијани“ на кое свои стихови прочитаа добитникот на „Златниот венец“, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, добитничката на „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, нашата истакната поетеса и книжевен теоретичар, Катица Ќулавкова, добитничката на „Мостови на Струга“, германската поетеса Катрин Пиц, истакнатиот шведски поет Бенгт Берг, кој годинава ќе биде претставен и во рамки на едицијата „Плејади“, германската поетеса Ана Хофман, турскиот поет Ѓокченур Челебиоглу, монголскиот поет Галсансух Дежидмаа како и многу други странски и домашни поети.
OhridNews