Со сечење црвена лента, попладнево, министерката за култура Елизабета Канческа- Милеска, градоначалникот Никола Бакрачески и директорката на Завод и музеј Охрид, Тања Паскали Бунташеска ги отворија двете унифицирани монтажни продавници за сувенири, поставени кај стариот чинар и на градското пристаниште .
– По добиената согласност од локалната самоуправа, ги отвораме двете продавници, а третата која е предвидено да биде поставена наспроти Македонска пошта, е во фаза на монтирање. Одбраните локации за поставување на објектите се одлични ,и тие ќе имаат големо значење за гостите кои ќе можат да си купат автентични сувенири кои го отсликуваат нашето богато културно наследство и она што го поседуваме како држава, рече министерката Канческа- Милеска која беше и првиот муштерија кој купи сувенири во новоотворените продавници.
Градоначалникот Никола Бакрачески изрази задоволство од отворањето на продавниците за сувенири, потенцирајќи дека тоа претставува уште една содржина за промоција на Охрид.
– Ова е реализација на уште едно наше предизборно ветување. Веднаш по преземањето на функцијата, го задолжив секторот за урбанизам да ги одбере најдобрите места во градот кои воедно се и најфреквентни. Со нивно поставување сакавме да внесеме уште една содржина за промоција на Охрид и се надевам дека со оваа заложба на владата во соработка со локалната самоуправа на гостите им овозможивме да купат автентични предмети, изјави Бакрачески.
Продавниците се со богата понуда на сувенири – карактеристични за Охрид, но и од цела Македонија.
– Во продавниците може да се најдат копии од артефакти од сите археолошки локалитети во Охрид и Македонија . Меѓу нив се охридскиот бисер, копии од икони, фрески и уште многу други сувенири, објаснува Тања Паскали Бунташеска, директорката на Завод и музеј – Охрид, институција која ќе стопанисува со продавниците.
Отворањето на продавниците за сувенири ќе придонесе и за сузбивање на нелојалната конкуренција, пред се кога станува збор за она по кое Охрид е познат во светот- охридскиот бисер, смета Михаил Филев, од познатата охридска фамилија која од почетокот на минатиот век се занимава со изработка на охридски бисери.
– Туристите во отворените продавници имаат можност да купуваат оргинален накит, а не како до сега кога лажни бисери се продаваа насекаде убедувајќи ги туристите дека тоа се познатите охридски бисери, вели Филев.
Како што беше најавено, третата продавница за сувенири во Охрид ќе биде отворена за неколку недели.
Т.К.