Во присуство на заменик министерот за култура и туризам во Република Турција, Мисбах Демирџам, турската амбасадорка во Македонија, бројни граѓани, новинарски екипи од Турција, денес, свечено беше отворена реконструираната Али Пашина Џамија во Охрид.
- Нашата мисија е да придонесуваме за реализација на проекти кои се од заеднички интерес на соработката и благосостојбата на народите. Имаме многу моменти кои датираат од Отоманската империја по чиј распад се формирани многу нови држави меѓу кои и Република Турција која е во одлични односи со многу земји, како што се и земјите во регионот. Во таа насока е и овој проект за реставрација на џамијата, изјави заменик министерот за култура на Турција, Демирџам.
Ревитализацијата на овој споменик на културата заштитен со закон, заврши во месец мај со поставување на куполата на минарето. Изградбата на минарето ја финансираше Генералното муфтивство на Турција преку турската владина агенција „ТИКА“.
Реконструкцијата на џамијата беше пропратена со низа реакции од јавноста, со оглед на изјавите од надлежните дека дел од градежните работи се изведувале без соодветна документација.
Т.К.