Во присуство на претседателот на владата, Зоран Заев и бројни гости, денес, свечено беше пуштена во употреба новата деловна и административна трговска зграда во која ќе работи и затворениот зелен пазар во Охрид.
Објектот е изграден преку формирање на јавно приватно партнерство меѓу општина Охрид и АД Илинден Струга.
- Изградбата ја почна поранешниот градоначалник Никола Бакрачески, ја продолжи мојот пријател покојниот Јован Стојаноски, а ја заврши актуелниот градоначалник Константин Георгиески. Објектот се протега на површина од 6.779 метри квадратни, има модерни услови за работење на зелениот пазар, исполнување на стандардите за трговија со земјоделски и прехранбени производи и подобрување на услугите на граѓаните и компаниите од Охрид и регионот. Со соодветни решенија и пристапни рампи, овој современ објект ги исполнува и условите за пристап на лицата со посебни потреби, рече на отварањето премиерот Зоран Заев.
Градоначалникот Константин Георгиески потенцира дека на свеченото отварање бил поканат и поранешниот градоначалник Никола Бакрачески, во чиј мандат започна изградбата на објектот, но не можел да присуствува поради работни обврски.
- Сепак ова е објект кој е симбиоза на работата на две локални самоуправи и е пример за една успешна приказна за нашиот град. Пазарџиите долги години ги продаваа своите производи во неадекватни услови за работа, под отворено небо на дожд и сонце на досегашниот отворен пазар. Вашите идеи и забелешки беа клучни при креирањето на изградбата на деловната зграда во која е сместен затворениот пазар. Ги задржавме сите започнати активности, надополнувајќи ги со нови. На цврсти темели поставивме сигурни стандарди и основи за унапредување на условите за работа на пазарџиите, рече градоначалникот Георгиески.
Во подземјето на објектот е сместен паркинг на површина од 2.433 метри квадратни, на приземјето ќе биде зелениот пазар на површина од 1230 метри квадратни, опремен со 190 нови тезги изработени согласно ХАСАП стандардите, ќе има и дуќани, заеднички простории, хол, подвижни скали, тоалети, пристапни рампи, а на првиот и вториот кат се деловни и заеднички простории.
- Убедена сум дека во иднина охридскиот пазар ќе се наметне како сериозен пазарен и економски фактор кој ќе ги следи и подобрува современите потреби на денешното живеење, рече во своето обраќање до присутните директорката на ЈП Градски пазар, Кристина Крлеска.
Изградбата на деловната зграда со затворен зелен пазар почна во јуни 2017 година.
Т.К.