Во кругот на Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“, денес, свечено беше отворен Центарот за рехабилитација, едукација и сензорна интеграција за лица со аутизам, АДХД и Аспергер синдром.

Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергер синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“, непрофитна и хуманитарна асоцијација. Проектот се реализира со поддршка на Министерство за здравство, кое ги отстапи просториите за користење во рамки на болницата „Св. Еразмо“, а реконструкцијата и опремувањето на центарот е финансирано од страна на амбасадата на Република Чешка во Скопје.

  • Вистинско задоволство е да присуствувам на отворањето на овој центар во Охрид, кој располага со најсовремена опрема. Секогаш е добро кога се фокусираме на децата и младите генерации за да им помогнеме со цел подобра иднина. Се надевам дека ова е добар пример за тоа. Околината е навистина убава и верувам дека ќе им помогнеме на многу лица. Инвестирани се еден милион денари за опрема, што не е многу, но сепак е значајна сума на пари со кои на овој начин, се помага не само во Скопје, туку и во други места како што е Охрид, рече на отварањето на центарот амбасадорот на Република Чешка, Мирослав Томан.

  • Штом ја слушнавме идејата за отворање на овој центар, сметавме дека ова ќе биде многу значаен регионален центар, изјави заменик министерот за здравство, Арменд Аслани.

Градоначаликот Константин Георгиески упати благодарност до сите кои се вклучени во реализцијата на проектот, современиот центар, кој ќе им помага на лицата од целиот регион.

  • Децата со аутизам и попреченост се дел од нас, дел од општеството и мора да работиме во насока на нивно целосно интегрирање во сите пори на општеството, рече Георгиески.

Од центарот најавуваат дека официјалниот почеток на работа ќе биде во јануари 2020.

  • Според јавувањата интересот е голем. Ова е само почеток. Нашиот интерес е да се изгради голем објект кој ќе ги опфати рехабилитационите процеси на децата на национално ниво, бидејќи тука е и езерото кое е од големо влијание. Имаме тим со кој верувам дека ќе постигнеме голем прогрес и напредок кај децата, потенцира Весна Стојановска од здружението „Во мојот свет“.

До крајот на годината, во Охрид ќе почне со работа и Центарот за рехабилитација, едукација и сензорна интеграција наменет за ран третман на деца со аутизам, АДХД и Аспергер синдром. Овој центар, наменет е за деца на возраст од 2 до 8 години и ќе биде сместен во охридската Општа болница.

Освен третманите на лицата со аутизам во двата центри ќе се спроведува и едукација на семејствата, со цел подобра грижа кон лицата со аутизам.

Тања Кувенџиска