Со балетскиот спектакл „Спартак“ на Националниот театар на операта и балет на Украина „Тарас Шевченко“ од Киев, вечерва на Античкиот театар во Охрид, свечено ќе биде отворено 47-то „Охридско лето“.
На спектаклот ќе се појават над 60 врвни балетани кои ќе ја изведат претставата која симболизира борба за слобода. „Оваа претстава киевскиот балет ја изведува 30-на години и секаде каде што гостувала во светот постигнувала голем успех, а на претставите се барало билет повеќе“, ни изјави Елеонора Стеблак-балет мајстор при Националниот театар за опера и балет на Украина, кој синоќа на Античкиот театар ја имаше генералната проба.
Елеонора Стеблак (лево) на генералната проба на Киевскиот балет
„Се надеваме дека времето ќе не послужи за свеченото отворање, но доколку не биде така резервна варијанта ќе биде спортската сала „Билјанини извори“, изјави за ohridnews, директорот на „Охридско лето“, Тони Симоноски. Тој рече дека се е подготвено за 47-то издание на фестивалот, настапот на сите поканети уметници е потврден, а организацијата тече според предвидениот план.
Годинава на „Охридско лето“ ќе бидат изведени 36 музички и 14 драмски претстави, селектирани од Гордана Јосифова-Неделковска (музички дел) и Ѓорѓи Јолески(драмски дел).
“Оваа година имаме исклучително богата програма со исклучително познати имиња, претстави, концерти, настапи, алтернативни групи и разни жанрови кои што ќе можат да ја поткрепат возбудата на разноврсната публика на „Охридско лето“, вели актерот Ѓорѓи Јолески, кој како претседател на УО на фестивалот ќе се обрати на свеченото отворање. Во Охрид годинава гостува познатата Барбара Хендрикс, Пепе Ромеро кој концерт ќе има во Св. Софија, Македонската опера и балет со „Риголето“, ќе има исклучителни претстави и премиери, додаде Јолески.
имаме исклучителна програма-селекторот Ѓ.Јолевски
47-то „Охридско лето ќе го отвори претседателот на државата Бранко Црвенковски, кој е покровител на фестивалот.
Г. Момироски