Во х. Милениум Палас во Охрид денеска свечено ќе биде отворена Десеттата Охридска ПЕН конференција.
На конференцијата оваа година се очекува да учествуваат шеесетина писатели од околу 20 земји. Во нивна чест синоќа свечен прием приреди претседателот на МАНУ Цветан Грозданов.
Во рамките на Охридската ПЕН-конференција, состанок ќе одржи Комитетот за превод и јазични права на Меѓународниот ПЕН на кој ќе се разгледува и Предлог-декларацијата за заштита на јазичните и културните права на Ароманците-Власи на Балканот.
Во чест на јубилејот, во црквата Света Софија ќе биде одржано меѓународно литературно читање и ќе им бидат врачени признанија на седумтемина досегашни претседатели на Македонскиот ПЕН – Томе Момировски, Мето Јовановски, Матеја Матевски, Георги Старделов, Влада Урошевиќ, Ката Ќулавкова и Димитар Башевски.
Со овој настан Македонскиот ПЕН-центар ќе одбележи и 45 години од своето постоење.
ohridnews