Со традиционалното фолклорно дефиле низ улиците на Охрид во 19:30 часот ќе започне 46-от Балкански фестивал на народни песни и игри.

Годинава на фестивалот учество ќе земат 12 ансамбли од 8 земји кои ќе ја претстават културата,музиката, традицијата и носиите на земјите од каде доаѓаат.

Во склоп на фестивалот во 20:00 часот во галеријата на Центарот за култура  ќе биде отворена изложба на народни носии од Завод и Музеј-Охрид и КУД “Кардешлик бирлик”-Охрид.

Свеченото отворање на Балканскиот фестивал на народни песни и игри  ќе биде во 20:30 часот на сцената на Долни Сарај. Поздравна реч ќе одржи потпретседателот на Собранието на Република Македонија г-динот Иван Анастасовски, а во името на градот домаќин ќе зборува претседавачот на Советот Владо Чингоски.
   
На првата фестивалска вечер ќе настапат АНПИ “Бисери” при НУ Центар за Култура “Григор Прличев”-Охрид и ансамблот за народни игри и песни на Македонија “Танец”. 

Балканскиот фестивал на народни песни и игри е меѓународна фолкорна манифестација, која е основана 1962 година. Првобитното име на фестивалот е ” Охридски фестивал на аматерските ансамбли на народни песни и ора”. Свеченото отворање се одржало на 20 јули 1962 година на градскиот плоштад. Од 1967 година Фестивалот добива концепција на него да учествуваат вокално-инструментални состави и солисти кои ќе го презентираат автентичното народно творештво и традиционалната култура низ ората, игрите, песните, обредите, обичаите, народните носии, инструментите што се употребуваат во музиката и ракотворбите.

Над дваесеттина години Балканскиот фестивал на народни песни и игри е член на асоцијациите на УНЕСКО : CIOFF ( Интернационален совет на организациите за фолкорни фестивали и фолкорна уметност ) и IOFA ( Меѓународна организација за фолкорна уметност.

Јасминка Т. Момироска