Со свеченост на која присуствуваа премиерот Никола Груевски и градоначалникот Никола Бакрачески, попладнево беше одбележано пуштањето во употреба на новиот кружен тек на крстосницата помеѓу булеварот „Туристичка“ и улицата „Бистрица“, кој веќе е во функција.
Премиерот Груевски истакна дека ова сообраќајно решение ќе придонесе за зголемување на безбедноста и намалување на бројот на сообраќајни несреќи, кои во минатото беа чести на овој потег. Според него новиот кружен тек е уште еден успешно реализиран проект на локалната самоуправа, која, како што истакна, прави повеќе од тоа што реално може.
Тој потсети на досега реализираните проекти на владата и општината во Охрид, најавувајќи нови инвестиции во наредниот период. Депонијата Буково ќе се огради, а во тек е и постапка за набавка на пет возија за ЈП „Охридски Комуналев“, рече Груевски. Во септември се очекува да започне изградбата на современа плажа во Лагадин, а во истиот период треба да започне изградбата на затворениот базен во Охрид. Наскоро ќе отпочне и изградбата на пешачката патека од пристаништето околу калето, најави премиерот.
-Сите овие проекти даваат јасен сигнал дека Охрид е во врвот на нашите приоритети. Во тој дух соработката со општината е од големо значење и се радувам што резултатите се повеќе од видливи. Дозволете да му честитам на градоначалникот Бакрачески за неговиот досегашен напор и успеси. Не е лесно да наследите општина со 50.000 евра долг, а истовремено со 50.000 жители, отприлика по 1.000 евра долг, и да туркате толку многу проекти. Знам дека очекувањата на многумина беа дека ќе има повеќе проекти но можностите и реалноста се такви, и имајќи го тоа предвид градоначалникот со поддршка на владата направи многу повеќе од возможното.-истакна во својот говор Груевски.
Градоначалникот Бакрачески рече дека нема урбана заедница во градот во која општината не реализира проекти. Тој најави дека во наредниот период ќе бидат изградени и останатите кружни текови предвидени на булеварот „Туристичка“.
-Општината има изготвено два акциони планови во делот на инфраструктурата што ќе значат значајно подобрување на изгледот на Охрид во централното градско подрачје. Едниот се однесува на реконструкција на градскиот кеј кој е сериозно оштетен, а другиот се однесува на изградба на современа пешачка и велосипедска зона од мостот кај каналот Студенчишта, од левата страна до Билјанини извори.-најави Бакрачески.
Градоначалникот рече дека општината во наредниот период ќе ги реализира и сите најавени капитални проекти.
OhridNews
ВМРО ДПМНЕ: СДСМ негодува на секој општокорисен проект
Премиерот Груевски промовираше инфаструктурни проекти во селата Ботун, Мешеишта и Требеништа