Централната свеченост по повод Денот на независноста – 8 Септември, годинава се одржа пред зградата на Владата када премиерот Зоран Заев заедно со претседателот на државата Стево Пендаровски присуствуваа на свечената церемонија на менување на знамињата и на интонирањето на државната химна од страна на воениот оркестар на АРСМ.

Денот на независноста, 8 Септември 1991 година, ќе остане запаметен како ден кога се обединивме за да ја заокружиме нашата државност и да избереме пат исполнет со меѓусебно разбирање, среќа и просперитет. Важни стратешки патокази на тој пат беа НАТО и Европската Унија. Денес Република Северна Македонија е 30-та полноправна држава членка на Северноатлантската алијанса, како и земја, која е на пат за членство во Европската Унија. Патот во независноста во тој турбулентен воен период за нашиот дел од Европа воопшто не беше лесен, ниту пак извесен. Меѓутоа, огромното мнозинство граѓани тогаш застанаа заедно. Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Власите, Бошњаците и другите, го сочуваа мирот во земјата. Токму затоа, 8 Септември – Денот на независноста, останува запаметен и како ден кога се обединивме за да создаваме заеднички дом за сите. – рече во обраќањето на свеченоста премиерот Заев.

Зборувајќи за предизвиците кои претстојат, премиерот Заев истакна дека доаѓа време на ред, правда и дисциплина.

Новата Влада влегува во бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот на сите нивоа. Таа ќе биде најважната приказна. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес, кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните. – додаде Заев.

Централната свеченост по повод Денот на независноста, годинава се одржа согласно протоколот за одбележување државни празници на Комисијата за заштита од заразни болести односно без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на здравствените протоколи и обезбедена дистанца и заштита.

Во рамки на Програмата, повеќе личности испратија видео-порака која беше пренесена на видео бим, во која ги дадоа своите размислувања за 8 Септември – Денот на независноста.

OhridNews