Со свечена седница Општина Охрид ги започна чествувањата по повод 11 Октомври – Денот на народното востание на македонскиот народ.

Пред присутните, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, претставници од локалната самоуправа, советници, пратеници, претставници на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, наши сограѓани беше изведена македонската химна од страна на Петар Нечовски. Следеа обраќања на градоначалникот Пецаков и  претседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца Гоце Георгиески.

Најзначајниот период во милениумското битисување на македонскиот народ е неговото учество во четиригодишната народноослободителна епопеја во Втората светска војна после која се поставени темелите на новата македонска држава и се исполни сонот на многу генерации за создавање на сопствена држава, рече Пецаков.

Денес Охрид и Македонија го одбележуваат празникот на македонскиот непокор. Во сите периоди на своето опстојување Охрид бил дел од историските настани кои ја одредувале иднината на македонскиот народ, испишувајќи ја на таков начин сопствената историја, неспорниот придонес во градењето на светската цивилизација. Во својот повеќедецениски слободарски дух градот доживува континуиран национален, социјален, културен и научен развој кој го продолжуваат неговиот сјај на културна и духовна метропола на македонскиот народ и воопшто на сесловенскиот свет. И покрај сите специфики на времето во кое живееме и сложеноста на состојбите во кои се наоѓаме градот успева да ја сочува својата одлика да биде репрезент на целата македонска историја, традиција и култура. Затоа овие датуми се неизбришливи и инспиративни за генерациите кои доаѓаат. Нека ни е честит и долговечен 11 Октомври, симболот на непокорот на македонскиот народ, додаде Пецаков.

Благодарение на пожртвуваноста на храбрите борци во народноослободителната и антифашистичка борба ние живееме во слободна и независна македонска држава, сон на многу генерации кои оставија аманет да ја чуваме со крв спечалената слобода на нашата татковина, рече во обраќањето претседателот на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца, Георгиески.

Сега кога имаме самостојна македонска држава, кога ја имаме долго очекуваната слобода нашата најголема одговорност е да не дозволиме нивните жртви да станат залудни. Храброста се покажува тогаш кога треба да се даде животот за својата татковина. Храброста се покажува и тогаш кога треба да се живее за неа. Несмееме да дозволиме нешто што се градело со векови да дојде во опасност, да биде загубено. Минатото го паметиме, историјата ја почитуваме, иднината ја градиме. Единствениот пат кој сакаме да го изодиме е патот до модерна, демократска, перспективна и европска Македонија како подобро место за живеење за сите нејзини граѓани. Нека овој голем ден ни биде патоказ и нам и на генерациите по нас да ја чуваме слободата, сувереноста и независноста на нашата татковина Република Македонија, додаде Георгиески.

Свечената седница беше збогатена со културно-уметничка програма која ја реализираа учениците од ООУ „Свети Наум Охридски“ во Пештани, ООУ „Ванчо Николески“ од Лескоец, гимназијата „Св. Климент Охридски“, како и актерката од Охридскиот народен театар Билјана Билаловиќ – Вељаноска.

Во рамки на одбележување на празникот, утре во 10 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред спомен-обележјата од НОБ во Градскиот парк, пред Основен суд Охрид, во училишниот двор на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ и на Градските гробишта.

Фото галерија:

Свечена седница по повод 11 Октомври-Денот на Народното востание на Македонија

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска