Со свечена академија што ќе се одржи вечерва во 19.30 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“, градот Охрид ќе го одбележи Денот на Свети Климент Охридски – Патрон на Охрид. На академијата ќе биде врачена Свети Климентовата награда, која оваа година ја доби поетот, драматургот и романсиерот, амбасадорот Јордан Плевнеш.

Со свеченоста ќе биде одбележан и патрониот празник на гимназијата „Св. Климент Охридски“.

Претходно во 18.30 часот ќе биде отвроена изложба на фотографии „По трагите на светите Кирил и Методиј“ во коорганизација на Општина Охрид и Амбасадата на Република Словачка во Република Македонија, во Куќа на Уранија- МАНУ.

Во 19.00 часот ќе биде отворена традиционална изложба на Фото клуб – Охрид по повод Јубилејот: 25 години од формирањето на Фото клуб од Охрид во НУ Центар за култура „Григор Прличев” (изложбен салон).

Утре, во 10.00 часот предвидено е поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон”-Плаошник, во 11.00 часот полагање свежо цвеќе на споменикот на Свети Климент Охридски во ООУ „Свети Климент Охридски“ (училиштен двор), додека во 12.00 часот полагање свежо цвеќе на момументалниот споменик на Свети Климент Охридски на градскиот плоштад и врачување награди на најдобрите поетски творби на наградниот ученички литературен конкурс по повод Патронот на Охрид на градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“.

Програмата завршува со проекција на филмот „Охрид, Охрид убав мил“ на познатиот македонски режисер Илија Пиперскоски во големата сала на Општина Охрид со почеток во 19 часот.

OhridNews