Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља изјави дека очекува од денеска Србија да го укине издавањето времени документи за косовските граѓани кои влегуваат во Србија, согласно последниот договор меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во синоќешното интервју за косовската државна телевизија, РТК, Свечља рече дека доколку српските власти од синоќа на полноќ не го почитуваат договорот, тогаш и Косово ќе почне да издава влезно-излезни документи за граѓаните од Србија кои ќе је преминуваат меѓудржавната граница.

Постои само една опција, а нормално дека ќе има реакција од наша страна доколку таа опција не профункционира. Значи, укинувањето на документите за влез-излез (за косовските државјани при влез во во Србија), според информациите што ги имаме, ќе започне во 24 часот (на 31 август). Доколку тоа не се примени, нормално дека сме подготвени да воведеме влезно-излезни документи за српските државјани кои влегуваат во Косово, изјави Свечља.

Од денеска, 1 септември, теба да стапи во сила одлуката на Владата во Приштина за реципроцитет кон Србија во однос на патните документи.

Со посредство на емисарите на ЕУ и САД, Мирослав Лајчак (специјален пратеник на Брисел за дијалогот меѓу Белград и Приштина) и Габриел Ескобар (специјален пратеник на Вашингтон за Западен Балкан), кои минатата недела ги посетија двете држави, властите во Косово и Србија се договорија целосно да ги укинат дополнителните процедури за премин на граѓаните од едната во другата држава. Тоа значи дека од синоќа на полноќ не треба да се издаваат дополнителни времени патни документи, како што тоа досега, во изминатите 11 години, беше пракса од српска страна и како што сакаше да го воведе како реципроцитет косовската страна.

OhridNews