Празникот на Св. великомаченик Георгиј Победоносец – Ѓурѓовден, се празнува на 6 мај според новиот, односно на 23 април според стариот календар. Тој се смета за најголем пролетен празник што го празнува не само христијанското, туку и целото население во Македонија, што од друга страна значи дека во негова основа е празнувањето на природата, на разубавувањето на вегетацијата и на животот воопшто.
Житието вели дека Св. Георгиј е роден во Кападокија, Мала Азија, од богати, но чесни и побожни родители. Уште од детството останал без татко и мајка му заедно со него се преселила во Палестина каде што била родена. Таму го минал детството посетувајќи ги местата во кои Исус го проповедал своето учење и се стекнал со образование. Бил висок, убав и храбар поради што добил висока служба во војската. На 20 годишна возраст добил чин трибун, а подоцна императорот Диоклецијан го поставил за член на државниот совет. Подоцна кога умрела и мајака му целиот имот им го поделил на сиромашните.
А кога Диклецијан започнал жестока пропаганда против христијаните Св. Георгиј му се спротиставил, ги зел во заштита неправедно прогонетите и самиот признал дека верува во Господ Исус Христос. Тоа го разбеснило императорот кој наредил веднаш да биде затворен и да биде подложен на најжестоки измачувања со цел да се откаже од своето верување. Но, Св. Георгиј не би бил Победоносец ако не бил толку истраен во своето убедување. Легендата вели дека ноќта пред да оди кај царот му се јавил Исус, на главата му ставил победнички венец и го охрабрил да издржи во своето верување ветувајќи му дека наскоро ќе го земе кај себе.
Врз Св. Георгиј се применувани најсурови мачења. Бил положен на грб нозете му биле ставени во клада, а врз него турнале голем камен. Подоцна го ставиле на тркало под кое имало шајки кои му го парале телото. Кога и тоа не го поколебало го тепале со воловски жили, го ставиле во дупка полна со негасена вар и турале вода, му облекле усвитена облека, три дена го држеле закопан во земја само со главата над земјата, најпосле му дале да испие отров но и тој не делувал поради што му ја отсекле главата. Гледајќи ги овие страдања на Св. Георгиј, но особено брзото оздравување на раните и преживувањето на отровот, жената на Диоклецијан, Александра, го прифатила христијанството поради што била осудена на смрт.
На иконата Св. Георгиј е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја која е под копитата на коњот. И според легендата Св. Георгиј ја убил ламјата што на народот му правела голема штета. Во позадина се гледа женски лик. Тое е царицата Александра. Свети Георгиј бил убиен на 23 април по стариот, односно на 6 мај по новиот календар во 290 година, и на овој ден секоја година се празнува споменот на великомаченикот. Освен овој празник нашиот народ го празнува и 16/3 ноември, денот кога е обновен храмот на Св. Ѓорѓи познат како Ѓурѓиц.
На Ѓурѓовден се изведуваат многу обичаи. Ниту за еден празник не ги има толку со магиско апотропејска цел како што е случајот со Ѓурѓовден. А сето тоа со цел да се осигура напредок, плодност на стоката и полињата, здравје, среќа и успех на луѓето. Кај нашиот народ за Ѓурѓовден се главуваат момоци, овчари, селски одборници, полицајци и сл. Обичаите сврзани со овој празник почнуваат ден порано на 5 мај кога се оди “на потка“. Тогаш се берат лескови прачки со кои се закитуваат куќите. Според верувањето потката штити објектите и предметите од разни опасности, а нивите и родот од штетач пороен дожд, болести, инсекти…
Вапцувањето јајца со црвена боја има посебно место во ѓурѓовденските обичаи исто како и со велигденските. Јајцата се вапцуваат вечерта спроти празникот и никој не смее да ги види се до утрото. Утрото пак кога децата ќе се разбудат со црвено јајце им се минува по лицето со зборовите: “Црвено бело дебело“, што значи децата да бидат дебели, здрави и црвени како јајцето.