Охридските винари со традиционални обичаи го одбележаа празникот Св. Труфун, заштитникот на лозарите и градинарите. На овој ден се закројуваат лозјата, со молитва и позитивна мисла, да биде годината родна, времето убаво, а плодовите здрави.

Празнично денеска беше во винаријата „Monastery winery“ во Опеница, охридско, каде на традиционалното закројување присуствуваше и градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, но и бројни гости.

Во опуштена атмосфера гостите уживаа во звуците на староградската музика и чашка добро вино, а имаа можност да го вкусат и новото бело вино на „Monastery winery“ кое ќе го носи името „Зарина“, а кум беше нашиот музички бисер, светски познатиот џез уметник Владимир Четкар.

Празнична атмиосферата денеска беше и во винаријата „Стојан и синови – С&С“ на семејството Шутароски, во охридската населба Чекоштина.

Во убавиот амбиент кој наликува на некое идилично винско место во Тоскана, гостите уживаа во одлично вино и храна на семејната винарија „С&С“ која се подготвува за претстојната сезона.

Винската култура се повеќе повеќе е застапена во нашите краишта. Малите винарии сериозно вложуваат во развојот и производството на квалитетни вина и дестилати, што заедно со природните потенцијали и традиционалната гостопримливост создаваат додадена вредност на охридскиот туризам.

Г.М.