Денешниот празник е поврзан со празникот Сретение Господово и посветен е на побожниот старец по име Симеон, кому претходно Светиот Дух му претскажал дека нема да умре се додека не го види спасителот. 

На четириесетиот ден по раѓањето на Исус, Богородица со малиот Исус пошла во црквата. Тој ден Светиот Дух посебно му соопштил на Симеона дека токму тогаш ќе дојде Исус. Кога Богородица со Исус пристигнала во црквата старецот Симеон возбуден го подигнал малиот Исус и му благодарил на Бога и рекол: „Сега го отпушташ својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; за што очите мои го видоа спасението Твое; што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израилот“. Потоа Симеон и ги претскажал на Богородица страдањата на нејзиниот син што ќе бидат причина и за нејзините страдања. „А на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата, за да се откријат мислите на многу срца“.

Во тоа време во храмот влегла и пророчицата Ана, побожна старица на 84 година која знаела за раѓањето на Спасителот. Во спомен на оваа средба на Исус и Богородица со праведниот старец Симеон и пророчицата Ана се празнува денешниот празник.

Јасминка Т. Момироска