Светата православна Црква на денешен ден го празнува споменот на светите маченички Софија, Љубов, Вера и Надеж.

Римјанките,трите сестри Љубов, Вера и Надеж и нивната мајка Софија живееле во времето на императорот Хадријан, во првата половина на вториот век по Христа. Во тоа време биле вршени големи прогони на христијаните, и тогаш биле приведени и Софија и нејзините три ќерки Љубов, Вера и Надеж.

Заради одбивањето да принесат жртви пред празниот идол на Артемида, Љубов, Вера и Надеж биле ставени на маки пред очите на нивната мајка и најпосле им биле отсечени главите. Мајката Софија ги зела и ги закопала телата на своите три ќерки и откако поминала три дена и ноќи во молитви над нивниот гроб, го предала својот дух на Бога.

По повод празникот денеска во 9 часот во катедралниот храм „Света Софија“, Охрид, ќе се служи света архиерејска литургија, со којаќе чиноначалствува Неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј.

Богослужба попладне ќе има и во малата црквиќка посветена на великомаченичките во Лагадин.

Јасминка Т. Момироска