Светост или туристичка атракција, споменикот на заштитникот на Охрид, Свети Климент Охридски Чудотворец се гуши од бројните угостителски реквизити, импровизирани тезги и улични забавувачи. “Фалат уште маси под него па да биде и келнер“, револтирано коментира вљубеник во Охрид.


Градот, но и пратениците од Охрид, најавија дека сакаат во центарот на македонската културна престолнина да создадат духовен триаголник, кој треба да се комплетира со поставување на споменик на Св. Наум во тревникот пред рибниот ресторан. Но, за да го почувствувате  замислениот духовен триаголник ќе треба да го игнорирате сообраќајниот хаос и паркираните возила, рингишпилите и вовчињата позади споменикот на Св. Кирил и Методиј, мирисот на скарата, крофничките и пченката и се разбира летните тераси кои неконтролирано се шират околу споменикот на Св. Климент, кој речиси е окупиран.


Плоштадот во Загреб                Шеталиштето во Дубровник

Секој што барем еднаш прошетал надвор од земјата сигурно во очи му паднал амбиентот на плоштадите во европските градови. Особено таму каде што се поставени споменици на значајни личности. Пример на плоштадот  „Бан Јелачиќ“ во Загреб не можете да забележите распослани летни тераси во недоглед и разно-разни тезги околу споменикот на хрватскиот јунак. Дубровник, пак со кој многу сакаме да го споредуваме македонскиот бисер уште подобро го отсликува нашиот проблем. На градскиот плоштад има убава фонтана, а на познатото шеталиште „Страдун“ не можете никаде да зебележите забавни реквизити или улични продавачи на храна, сувенири и сл. Не дека таму се е совршено, далеку, но впечаток е дека има некаков ред и стил, а тоа е најбитно за имиџот на еден туристички град. Центарот на Охрид е имиџот на Охрид, куп маси и тезги околу Свети Климент Охридски. Едноставно не оди.

Горан Момироски