Светите браќа Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Родени се во Солун во семејство на висок византиски службеник. Татко им Лев бил помошник на командантот во солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија. Најстариот од седумте деца на Лев и Марија, Методиј е роден околу 815 година, а Константин бил седмо дете и е роден во 826 или 827 година,  во монаштво го добил името Кирил. Како дете го учел напамет големиот христијански беседник Григорије Богослов и се истакнувал во учењето поради што му овозможиле да се школува во познатата  Магнурска школа во Цариград која имала ранг на денешен универзитет. Тука се истакнувал како извонреден мислител богослов и апологет на христијанството. По завршувањето на школата работел  како библиотекар во познатата Патријаршка библиотека во Цариград од каде што заминал во еден манастир на Босфор каде што останал околу шест месеци.

За постариот брат Методиј многу малку се знае. Не се знае дури ни неговото крстено име, а името Методиј го добил во монаштво. Се знае дека бил управник на некоја словенска област околу десетина години по што заминал во манастир на планината Олимп во Мала Азија каде што се закалуѓерил. Со брат му Константин учествувал во двете важни мисии Хазарската и Моравската.

Константин(Кирил) по престојот во манстирот на Босфор  бил поканет за професор во Магнурската школа каде предавал филозофија при што и се истакнал поради што го добил прекарот Филозоф. Од страна на византискиот двор Кирил и Методиј биле ангажирани во три мисии Арапската, Хазарската и Моравската, а Методиј учествувал само во последните две. Константил (Кирил) имал само 24 години кога бил испратен во т.н. Арапска мисија кај Сарацените. Со нив водел полемики за повеќе верски прашања, а се запознал и со нивниот живот и обичаите. Од 860-861 година Кирил и Методиј престојувале кај Хазарите, а како најважна за двајцата браќа се смета мисијата во Моравија која е важна и за иднината на сите Словени. Иницијативата за оваа мисија ја дал моравскиот кнез Ростислав, кој за да ја стабилизира својата држава презел мерки за решавање  на црковните прашања, за што побарал помош од Византија. Ростислав барал да му бидат испратени и учители и епископ, но Византија која тогаш се соочувала со заострување на односите во самата црква меѓу исток и запад ги испратила само учителите Кирил и Методиј. Словените тогаш немале букви а Кирил морал да се зафати и со таа работа да состави азбука и да ги преведе најнеопходните книги на словенски јазик. За составување на првата словенска азбука (глаголицата) за првите три преводи Кирил го искористил јазикот на македонските словени од Солун и околината.

Во Моравија Кирил и Методиј биле дочекани со воодушевување од страна на кнезот Ростислав, но и со жесток  отпор од страна на германските свештеници. Во 864 година настанале тешки мигови за Моравската држава а Константин и Методиј кои се соочиле со голем отпор од германските свештеници тргнале кон Венеција, а на пат кон таму минале низ Панонија каде биле гости на словенскиот кнез Коцељ, кој го засакал нивното учење. За време на престојот во Венеција Кирил водел полемика со другите свештеници дека  божјото слово не треба да се проповеда само на три јазици, еврејски, грчки и латински, туку и на други јазици затоа што е несватливо да се проповеда на јазик кој е неразбирлив за верниците. Кога разбрал дека се во Венеција папата Никола Први ги повикал браќата во Рим каде ги пречекал новиот папа Хадријан Втори, бидејќи во меѓувреме папата Никола Први умрел. Свеченоста била уште поголема бидејќи тие ги носеле моштите на папата Климент Први кој поради маченичката смрт уживал голем углед кај римјаните. Папата  тргнувајќи од некои интереси на светата столица, свесен за популарноста на Кирил и Методиј  ги прифатил нивните барања и дозволил богослужба во Рим на словенски  јазик со што го признал овој јазик за службен во црквата. Методиј го прогласил за свештеник, а Константин го унапредил во повисок калуѓерски ред  со што го добил името Кирил. По големите настани болеста го совладала Кирила и тој починал во Рим на 27/14 февруари 869 година. Погребан е во Рим, каде и денес почиваат неговите мошти во црквата Свети Климент.

Методиј во 870 година дошол во Моравија за да го шири христијанството, но Ростислав бил симнат од тронот а Методиј кој останал без заштита бил затворен, а ослободен бил во 873 година со залагање на папата. Чувствувајќи го својот крај во 884 година зел двајца ученици и за шест месеци ја превел Библијата на словенски јазик. Пред смртта го одредил Горазд за свој наследник. Умрел на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. По неговата смрт германските свештеници жестоко се пресметале со неговите ученици. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, а дел биле протерани преку Дунав на југ. Меѓу овие биле Климент, Наум и Ангелариј, а Климент и Наум подоцна дошле во Охрид каде со голема страст го продолжиле делото на своите учители.

Големиот христијански празник во Охрид ќе биде одбележан со богослужби во црквите и низа свечености. Делегации на општината, јавни, културни и просветни институции денеска ќе им оддадат почит на Сесловенските браќа пред нивниот споменик во центарот на Охрид.

Јасминка Т. Момироска