Во Охрид денеска се одбележува споменот на Свети Јован Владимир, кој на денешен ден во 1016 год. подмолно бил убиен, а подоцна и прогласен за светител од страна на Охридската Архиепископија…
А кој бил Св.Јован Владимир, кого охриѓани го чествуваат со векови….
Од историјата на Македонија знаеме дека бил зет за една од ќерките на царот Самуил , и дека длабоко е врежан во традицијата народна , но и денес инспирира автори од областа на современата литература и музика …судбината на Владимир и Косара !
Историјата кажува дека “убиството на Јован Владимир, уште едно во семејните пресметки на пошироката лоза на цар Самуил, било извршено, истакнува Скилица, кога тој им поверувал на лажните “заклетви” на охридскиот архиепископ Давид и дошол во Преспа. Кај Поп Дукљанин е запишано дека зад сето тоа стоел царот Јован Владислав, кој преку свои пратеници, го намамил Јован Владимир да дојде во неговиот дворец во Преспа, при што го убил во моментот кога излегувал од црквата. Подоцна Владимировата жена Косара, со одобрение на Јован Владислав, кој во меѓувреме се покајал за извршеното злосторство, го пренела телото на Владимир во местото Крани, каде се наоѓал дворец на Јован Владислав. Дукљанскиот владетел бил закопан во црквата Св. Марија во Крани, каде била закопана и Косара по нејзината смрт. Подоцна од страна на православната црква бил прогласен за светец.”
А во народното пишано житие, меѓу другото стои:
“Денешниоф сфети Јон Владимир на цароите најсфетениоф, таткојна му беше село се викаше Владимирон, за тоо и сфети Јон се викна Владимирос!
От сој царски, татко му и мајка му хрисјани, пресфетен филис от сфетен корен, ушче от мал цветлеше со арнини, со пос, со агрипнии, со сиромаси помиловјајне и беше сат чис и сфетен! Татко му и мајка му го женаа за керка му от цар Самуил. И тој си вардеше девојстото чинешчем најарни работи.Потем смртта от родители му, самопоелвач бидвеешчем је порасти верата, кладе даскали и тељали, за да се покајвет сите на верата рисјанска. Напрај манастири, цркви, аној за раатлесфејне на сиромаси, напрај и болници… Еден ден му дојде на ум да напрајт една цркоф в планина, на едно месрто пустелија, шчо беше сфе со базје и ојдоја со тројца от големците, ѓо по лоф, и ними не им кажвеше.Пулит таму еден орел имат на крилјата згора еден крст најцветлиф и трчеешчем да го фтасат, влезе во базјето. И орелот си се застој, а тој ти бил арангел и го застоа крстот кжде шчо је напрај цркфата.Тука му је на то место сега и липсаната. Тога се поклониа и појла, да напрает цркоф и седум пжти на денот идаше, се поклонвеше дејна и ношја чинеешчем агрипнии. Затоо и жена му имаше шубе оту ојт по друѕи жени , зжшчо со неја не се добервеше. Затоа си го кладе брата е да го загубит и кисеџија да се сторит от царшчината, и така да си кажит еретистото. Зжшчо беше еретик. Тие дни царот шчо се викаше Порфирогени , имаше џенк со бугарите, со србите, со Немечко и наделвеше. И така приблиза до царството от сфети Јоана. Тога се пусатлајса сфети Јон со сфети Дух со дарот господоф. И излезе со аскерот и часта го надели. И се стори поелвач от сета Булгариа и от Србиа и от Арнаутлокот!”
Ете, така напишал Јонче П.Снегар, пред стоипедесетина години, во едно од многуте житија разбирливи за своите охриѓани, своите сограѓани а секако и за потребите на Охридската црква.. и на крајот од житието се потпишал „ова се написа от мене Јонче П. Снегар“.
Ова е само еден фрагмент од житието на Св. Јон Владимир, кое според учените е слободен превод на краткото житие на светителот, составено, веројатно, од китијскиот (критски) митрополит Кузман инаку игумен на елбасанскиот манастир Св.Јон Владимир, подоцнежен вршител на должноста архепископ на Охридскиот престол , во 1699 г. Така смета и Иван Снегаров , најголемиот проучувач и познавач на историјата на Охридската Патријаршија- Архиепископија, во својата книга “ЖИТИЯ НА НАРОДНИ СВЕТИИ, ПИСАНИ НА ОХРИДСКО НАРЕЧИЕ СЪ ГРЦКО ПИСМО“ Значи, култот на Св Јон Владимир живеел и живее со векови наназад до ден денешен, кога сите оние што го носат неговото име го слават својот именден.
OhridNews
Натписот „Св. Јон Владимир“ е авторски текст на охридскиот публицист Владо Жура