Овој светец од Бога даруван со чудотворна моќ е роден во Антиохија и живеел за време на царевите Диоклецијан и Максимилијан. Како архиереј патувал и го проповедал Евангелието па така стигнал и во Охрид.
Откако го воскреснал синот на некој човек по име Атанас крстил многу луѓе, а идолските жртвеници ги разурнал. Поради тоа бил обвинет кај царот Максимилијан кој му наредил на бакарниот кип на Зевс да му се поклони и да му принесе жртва. Но Еразмо направил од статуата да излезе ламја и да го исплаши народот. По овој настан Св. Еразмо крстил 20 000 луѓе но по наредба на царот сите биле исечени, а Еразмо бил затворен. Но тогаш се јавил ангелот и го ослободил од затворот како што многу порано го ослободил и Св. Петар. Пред смртта се повлекол во една пештера и во молитви го минал животот.
На овој ден охриѓани масовно ја посетуваат пештерската црква посветена на Св. Еразмо во непосредна близина на градот, каде се молат и палат свеќи за здравје и среќа.
Јасминка Т. Момироска