Угледната непрофитна организација World Monuments Fund, деновиве го објави каталогот на 100 светски значајни споменици на културата кои се во конкуренција за добивање донаторски средства за заштита, меѓу кои е и црквата Света Богородица Перивлепта од Охрид.
Како што и претходно објавивме, доколку се одобри проектот, ќе бидат добиени 217.000 американски долари од што 140.000 ќе бидат употребени за целосна заштита на фрескоживописот. Според номинаторот, Стојан Савески, шансите Перивлепта да ги добие овие средства се големи.
црквата Св. Богородица Перивлепта се најде на каталогот на World Monuments Fund
Номинацијата на црквата Св. Богородива Перивлепта ја потпомогнаа МПЦ, Управата за заштита на културното наследство и општина Охрид.
Фрескоживописот во овој мошне значаен сакрален објект од XIII век се смета за еден од најубавите на овие простори и почеток на ренесансното сликарство во Европа. Тој денес е во многу лоша состојба и според експертите потребно е итна интервенција.
„Доколку сега не се преземат мерки за заштита на фрескоживописот во Св. Богородица Перивлепта, постои опасност тој целосно да исчезне“, предупреди неодамна Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.Според митрополитот Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, оштетувањата на оваа црква во која некогаш била сместена библиотеката на древната Охридска архиепископија, се должи исклучиво на човековата негрижа.
Доколку биде одобрен проектот, неговата реализација ќе отпочне во 2008 година.
Г.М.